Во Министерството за правда се одржа нова средба за предлог-законот за Јавното обвинителство. Средбата била меѓу министерката за правда, Рената Дескоска, советникот на премиерот, Бојан Маричиќ, пратеничката на НСДП, Соња Мираковска, и претставниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски и Панче Тошковски.
– Денеска, отворивме точки кадешто реално имаме крупни разлики со ВМРО-ДПМНЕ и затоа, за жал, не можевме да постигнеме одреден напредок во денешните разговори. Разговаравме претежно за точките што се разликуваат со нивниот предлог-закон со оној што е поднесен во Собранието. За жал, одредени решенија, кои многу лесно го карактеризираат нивниот закон како ретрограден и сталинистички, беа позициите на кои тие останаа во текот на денешните разговори. Една од точките е дека бараат целосна строга централизација на системот на Јавното обвинителство, што ќе значи дека јавниот обвинител Јовевски или кој и да биде, да е човек со чиј мандат ќе бидат врзани мандатите на 27 носители на јавнообвинителската функција во државата, значи на луѓето што се на чело на другите обвинителства, со престанокот на државниот обвинител, да им престане и мандатот и на тие лица – рече Дескоска.
Таа потврди дека остануваат клучните разлики за прашањето за идниот статус на СЈО, на обвинителите, на вработените и на предметите.
– Според барањето на ВМРО-ДПМНЕ, треба да дојде до целосно демонтирање на СЈО, но, за жал, и на Обвинителството за организиран криминал – додаде Дескоска.
Трета клучна разлика е за статусот на предметите што ги води СЈО во моментот. ВМРО-ДПМНЕ инсистира да нема одредба во законот која ќе даде надлежност на новоото обвинителство да ги гони предметите од прислушуваните материјали.
– Кај нив недостигаат надлежности на Обвинителството за организиран криминал и висока корупција, кои ќе се однесуваат на изборите и гласањето, за злоупотреба на ИПА-фондовите, за злоупотреба на јавните набавки, тие надлежности во нивниот предлог се избришани како надлежност на новото обвинителство – истакна министерката.