Министерката за правда Рената Дескоска истакна дека отвореноста на судството и неговата транспарентност преставуваат основни претпоставки за зголемување на довербата на јавноста, а посочи и дека Судскиот совет е клучниот орган кој треба да придонесе кон зголемување на транспарентноста на судовите.
Дел од измените на Законите за судовите и Законот за Судскиот совет, донесени изминатата година, се однесуваат на создавање активна транспарентност на судовите.
Дескоска напомена дека во критериумите за оценувањето на претседателите на судовите, посебно се вреднуваат односите со јавноста и транспарентноста во работењето, кои се оценуваат преку увид во веб страницата на судот (соопштенија за работа на судот, објавени одлуки, анализи и извештаи за работата на судот и слично) и слободниот пристап до информации од јавен карактер.
Дескоска истакна дека се значајни и новините кои Министерството за правда ги предлага во однос на Јавното обвинителство.
Министерката истакна дека во Предлогот – законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, се предвидува дека одлуките на Советот мора да бидат образложени и истите да бидат објавуваат на веб страницата на Советот.
– Согласно Предлогот на законот, предвидено е дека седниците на Советот на јавни обвинители се јавни. Јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител. За исклучување на јавноста од седниците, Советот ќе одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови – истакна Дескоска.
Во случај кога Советот ќе одлучи за исклучување на јавноста од седницата, претседателот на Советот ќе биде должен да ја извести јавноста за причините за исклучување на јавноста и во случај ако на истата седница донесува одлука со гласање, гласањето за одлуката ќе биде јавно.
– Кога Советот одлучува за избор на јавен обвинител на Јавно обвинителство или за избор на јавен обвинител во Јавно обвинителство, јавноста не може да биде исклучена во ниту еден случај. Советот ќе составува записник од гласањето за одлуката и истиот јавно ќе го објавува на веб страницата на Советот. За работата на седницата на Советот ќе се води записник и седницата се снима тонски или се прави аудио-визуелен запис. Усвоениот записник се објавува на веб страницата на Советот – потенцираше Дескоска.
На крајот на своето обраќање, Дескоска истакна дека една незавршена работа за Министерството за правда е носењето на Законот за Јавното обвинителство.
Според министерката за правда, негласањето на Законот за Јавно обвинителство од страна на опозицијата значи свесна блокада на евроинтеграциските процеси на земјата, дека опозицијата е против зголемувањето на бројот на обвинителите во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупација и чување на бомбите во Јавното обвинителство, но и избегнување на правдата од страна на одредени политичари од одредени политички партии.
– Само со гласање на законот, опозицијата може да покаже дека е за европска иднина и бескомпромисна борба против криминалот – истакна Дескоска.