Светот вчера го одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, настан што секоја година од 2000 г. па наваму се одбележува во земјите во светот и е прогласен за Ден на лингвистичката и културната разновидност. Основната цел на овој ден е да се издигне свеста за значењето на мајчиниот јазик. Во таа насока и по повод Денот на мајчиниот јазик, изминативе денови неколку институции во земјава одржаа повеќе церемонии, меѓу кои и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Токму по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, „Нова Македонија“ издвојува десет работи што треба да се знаат за македонскиот јазик
Јужнословенски јазик – Како што се наведува во граматиката, македонскиот јазик, заедно со јазиците на Словенците, Хрватите, Црногорците, Бугарите и Србите, припаѓа во групата на јужнословенските јазици.
Аналитички јазик, губење на падежите – Карактеристично е дека македонскиот и бугарскиот се единствените аналитички јазици од групата на словенските јазици, кај кои именските зборови не се менуваат со падежи туку односите во реченицата се искажуваат со предлози.
Кирилско писмо – Традиционално писмо во македонскиот јазик е кирилицата, со 31 буква по азбучен редослед. Во исто време кирилицата, која е фонетско писмо, функционира по фонетски принцип. Современата македонската кирилска азбука е составена во 1945 година по налог од АСНОМ.
За разлика од некои други јазици, кои имаат своја верзија и на латиничното писмо македонскиот ја нема. Затоа единствена официјална азбука на македонскиот јазик е кирилицата.
Уникатни букви – Македонскиот јазик содржи ред посебни фонеми (споредено со соседите), затоа што се јавува потреба од посебни македонски букви. Историски гледано, овие букви потекнуваат од 19 век. Во своето дело „За македонцките работи“, македонистот Крсте Петков Мисирков користи комбинации од г’ и к’ за да ги претстави фонемите /ѓ/ и /ќ/. Покрај тоа, буквата „и“ тогаш се користела каде што денес се користи „ј“. Денес буквата „ѕ“ ја има единствено во македонскиот јазик, но мора да се спомене дека истата таа е многу постара.
Третосложно акцентирање – Една од карактеристиките на македонскиот јазик е третосложното акцентирање, односно акцентот е на третиот слог од крајот на зборот.
Членување – Уште еден елемент што го разликува македонскиот јазик од другите словенски јазици е членот. Членот во македонскиот јазик е постпозитивен, т.е. доаѓа како наставка на именката. Македонскиот јазик има три вида члена, со три варијанти за секој, во зависност од родот. Значи, покрај гореспоменатиот одреден член (-от, -та, -то), македонскиот јазик има уште два члена, кои се употребуваат во зависност од релативната раздалеченост на посоченото.
Удвоен предмет – Членот во реченицата врз кој преминува глаголското дејство се вика предмет. Во македонскиот литературен јазик има три вида предмет: директен, индиректен и предлошки. Една од најважните карактеристики на македонскиот јазик е удвојувањето на предметот. Удвојувањето се врши на тој начин што со зборовите што вршат функција на директен и индиректен предмет се употребуваат и кратките форми на личните заменки и повратната заменка.
Современ македонски јазик – Основата за кодификацијата на литературен македонски јазик ја дава Крсте Мисирков во својата книга „За македонцките работи“, во која дава предлог за оформување литературен стандарден македонски јазик базиран врз централните говори. Од поголемо значење е и тоа што Мисирков користи азбука што е база за денешната македонска кирилска азбука.
Блаже Конески, кодификатор на македонскиот стандарден јазик – Конески е современик на трите клучни моменти во развојот на македонската културна историја. Воведувањето на македонскиот јазик како службен, со акт на 2.8. 1944 г., прогласувањето и воведувањето на македонската азбука, која првпат е објавена токму во весникот „Нова Македонија“, како и донесувањето решение за македонскиот правопис. Во изборот на јазични решенија што ги предлага, Конески е оквалификуван како граматичар со поетска интуиција.
Правописот и правоговорот на македонскиот јазик – Правописот на македонскиот јазик од моментот на својата стандардизација претрпел неколку измени, односно имало мали измени во правописот во 1945, 1950, 1970 и во 1998 година. Во февруари 2016 година бил претставен новиот правопис на македонскиот јазик, подготвен од 48 учесници, а објавен од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Во 2017 год. излегло второ издание на овој правопис, кое е ставено на располагање на посебен портал на НУБСК.