Дваесет и деветти ноември – Денот на Републиката беше еден од најголемите државни празници во поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) и денеска живее низ сеќавањата на многумина. Пред 76 години на тој ден се одржа Второто заседание на АВНОЈ во Јајце, каде беше донесена одлуката за федерално уредување на државата, а денот остана запаметен во историјата како датум на создавање на новата Југославија.
АВНОЈ го воведе називот „маршал на Југославија“, кој му е доделен на партизанскиот врховен командант Јосип Броз Тито. Функцијата претседател на „првата влада“ на нова Југославија му е доверена на Тито.
Овој празникот се одбележуваше еуфорично со неработни денови, училишни приредби и многу веселби.
Луѓето го доживуваа како семеен празник на кој се славеше братството и единството.
Главно имаше два неработни денови (29 и 30 ноември), кои обично се поврзуваа со викендот, па Југословените го користеа мини-одморот за целосно уживање и празнување.
Емитувањето партизански филмови, како и сплет од ора и танци на народите и народностите, на телевизиската програма беа едно од вообичаените случувања за тој ден.
Првачињата на 29 ноември стануваа Титови пионери. Тие ја чувствуваа најголемата радост бидејќи во училиштата полагаа заклетва со задолжителни пригодни приредби. Секој пионер добиваше сина капа (титовка), црвена марама и црвена пионерска книшка.
Тогашните пионери сигурно и до денес се сеќаваат на свечената заклетва што ја даваа пред државното знаме.
И покрај тоа што одамна не постои, голем број граѓани се уште со носталгија се сеќаваат на некогашната Југославија и многумина се прашуваат и коментираат кој е виновен за распадот на таа силна држава која беше почитувана ширум целиот свет.
Југославија во периодот меѓу 1918 и 2003 година шест пати го менувала своето име.
За неа многумина тврдат дека била вештачки создадена и со самото тоа, неодржлива, но таа сепак, ако се одземе периодот на окупација во текот на Втората светска војна, во различни облици постоеше повеќе од 80 години.
Иако како датум за основање на првата Југославија се смета 1 декември 1918 година, таа официјално не се викала така, туку Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Дури во 1929 година, откако кралот Александар прогласил диктатура, државата формално го сменила името во Кралство Југославија и како таква опстојува се до април 1941 година кога била окупирана и распарчена.
Другата Југославија, под името Демократска Федеративна Република Југославија на 29 ноември 1943 година во Јајце ја прогласи Антифашистичкото веќе на народното ослободување на Југославија (АВНОЈ) под водство на Јосип Броз Тито. На новата држава и недостасувал поголем дел од територијата, кој бил под окупација, но и меѓународен легитимитет, бидејќи повеќето големи сили до крајот на војната го признавалче кралството. По договорот на Тито со кралскиот претставник Иван Шубашиќ и усвојување на новиот устав, во јануари 1946 година е прогласена Федеративна Народна Република Југославија, која во 1963 година е преименувана во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ).
Од СФРЈ во 1991 година прво се отцепија Словенија и Хрватска, а набрзо потоа и Босна и Херцеговина и Македонија. Србите во Хрватска и Босна како одговор со поддршка на Белград формираа сопствени „мини-фржави“ – Република Српска Краина и Република Српска, кои досега никој не ги признал, дури ни Србија.
Србија и Црна Гора во април 1992 година ја прогласија Сојузна Република Југославија како правна наследничка на СФРЈ, а таа под тоа име траеше до 2003 година. Тогаш името Југославија конечно исчезна со прогласување на Државна заедница на Србија и Црна Гора. Двете станаа посебни држави во 2006 година, кога Црна Гора прогласи независност.