Делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од државниот секретар Магдалена Несторовска и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, учествува на Светскиот конгрес за безбедност на граници во Мароко.
Настанот го организира Министерството за внатрешни работи на Кралството Мароко и учествуваат делегации од 54 држави. Како што соопшти МВР, делегацијата од нашата земја присуствува на покана на Канцеларијата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
-Делегацијата учествуваше на повеќе пленарни и работни сесии, а во рамки на пленарната сесија „Миграции и трговија со луѓе – предизвици во глобалното гранично управување“ свое излагање имаше државната секретарка Несторовска на тема „Управување со миграции и мерки против трговијата со луѓе“ – соопшти МВР.
На маргините на конгресот беа реализирани и билатерални контакти со делегации на земји од Африка и Азија и со претставници на различни меѓународни организации.