Претседателот Стево Пендаровски, по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски, упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски Господин Господин Стефан и до сите православни верници.
– Свети Климент Охридски верно продолжувајќи го делото на своите учители, Светите Кирил и Методиј, ги постави темелите на духовноста и просветителството на нашите простори. И после 11 века од неговото упокојување, неговото дело го издржа судот на времето, не престанувајќи да биде инспирација и мотивација не само за македонските граѓани, туку пошироко на Балканот и во Европа – се нагласува во честитката на претседателот.
Пендаровски истакнува дека Свети Климент Охридски оставил големо духовно и просветителско наследство, но и со личен пример на дело покажал што значи милост, трудољубивост, трпение и солидарност.
– Токму овие доблести ни се неопходни во време, кога како и целото човештво се бориме со пандемијата на ковид-19 и разорните последици што таа ги носи. За жал токму сега, како народ и држава сме ставени пред дополнителни тешкотии и предизвици, при што ни се негира минатото, обременува сегашноста и загрозува иднината. Посакувам делата и мудроста на Свети Климент да ни бидат водилка и патоказ низ премрежињата, а неговата верба и љубов поткрепа во искушенијата кои само сложни и обединети можеме да ги надминеме – посочува претседателот во честитката.
Заев: Македонскиот јазик е непобитен факт, предизвиците ќе ги надминеме трпеливо и мудро
Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е прифатена во Европската Унија, која беспрекорно ја почитува јазичната разноликост и во која преку македонскиот јазик е прифатена и посебноста на македонскиот идентитет како составен дел и од европскиот идентитет во заедница од 50 милиони луѓе. Ова е дел од пораката на премиерот Зоран Заев во чест на денешниот празник Св. Климент Охридски.
„Записите велат дека низ Свети Климентовата Охридска школа минале околу 3.500 ученици. Тоа е импозантен број за тогашните времиња, а секако, импозантен е и денес. Тоа сведочи и за исклучителните организациски, но и обединувачки способности на светиот учител од Охрид во духот на христијанското заедништво. Луѓето имале желба за духовна храна и поткрепа, за наука, за вистина. Како и денес. Денес, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми за неговата автентичност, и секое оспорување е спротивно на овие факти“, се вели во пораката која премиерот ја објави на социјалните мережи.
Заев воедно порачува дека почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на Унијата, додавајќи дека предизвиците со кои се соочуваме ќе се надминат трпеливо и мудро.
„Почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на ЕУ. Повелбата за основните права на ЕУ забранува дискриминација врз основа на јазикот и ја обврзува Унијата да ја почитува јазичната разновидност. Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Свети Климент Охридски во мисијата на неговото време, повикани сме и ние да ги чуваме обележјата на нашиот недвосмислен македонски идентитет и да ги надминуваме предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува како народ и како држава“.
Мицкоски: Духовното, книжевно и црковно наследство на Свети Климент е значаен белег за нашиот народ и држава
Радувај се Македонијо што го имаш Св. Климент, еден од најистакнатите ученици и следбеници на светите браќа Кирил и Методиј, просветител кој описменил и образувал илјадници луѓе, не само на територија на Македонија, туку и пошироко, се наведува во честитката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, по повод денешниот христијански празник.
„Со право го славиме Св. Климент чие духовно, книжевно и црковно наследство е значаен белег за нашиот народ и држава. Тој е еден од неколкуте наши знаменити личности кои оставиле светски белег и е вграден дел од нашиот идентитет како народ и земја, истиот оној кој денешната власт како неразбрани трговци го тргуваат, преговараат, се откажуваат. Тие кои се одрекуваат од нашите великани, и го понижуваат нашиот народ се понижуваат себе си, го валкаат нашето цивилизациско право да се повикуваме на нашите темели и она што сме како народ и земја“, се вели во пораката на Мицкоски.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, деновите како денешниот се тука да нè потсетат дека сме опстојале со векови и ќе опстоиме, допринесувајќи, како што вели, за светскиот развој и добробитта на народите ширум светот.
„Свети Климент Охридски беше продолжување на низата која носеше светлина и писменост, ние да бидеме тие кои ќе обезбедат почит на таа низа, но и сигурност и иднина на нашиот народ“, нагласува Мицкоски честитајќи го денешниот празник.