СО ПРОТОКОЛ ЗА ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО НА УЧИЛИШТЕ
Учениците со завршно деветто одделение во државата вчера си ги зедоа свидетелствата, бидејќи веќе денеска им се потребни за упис во училиште за средно образование. По претходно утврден протокол, тие физички присуствувале во училиштето.
– Секој ученик мора да се потпише во главната книга дека си го зел свидетелството, затоа моравме да го организираме доделувањето да биде со физичко присуство. Исто како и за уписот на првачиња, имаме строго утврден протокол за таа намена. Секој ученик на влезот облекува калоши, се дезинфицира, влегува во фискултурната сала од еден влез, а излегува од друг. На овој начин ризикот е сведен на минимум – информира Светлана Масларевска, директорка на основното училиште „Коле Неделковски“ во Општина Центар.
Училиштата и при уписот на првачиња имаа обврска да ги следат препораките на Комисијата за заразни болести и да работат според нивните насоки. Кога родителите ги носеа првачињата на тестирање, им беше мерена температурата, секое од нив си носеше од дома свои боички, а тестирањето се одвиваше на дистанца во училница.
Училиштата за средно образование, пак, денеска и утре запишуваат нови ученици во прва година. Онаму каде што ќе има поголем интерес, ќе се одржи квалификациски испит за да се направи селекција. На кој начин ќе се изведе тоа, останува да одлучат во Комисијата за заразни болести, кои треба да изработат протокол.