Вселенската патријаршија, како што толкуваат познавачите на состојбите, во моментов игра многу важна улога во православниот свет преземајќи ја одговорноста за решавање на најтешките прашања. Имено, ако Вселенската патријаршија ѝ додели томос за автокефалност на Украинската црква, тоа за МПЦ ќе значи отворен канонски пат, по кој практично ќе се стигне до автокефалност. Всушност, ќе се смета дека истиот принцип или востановената практика, како онаа за Украина, сосема легитимно ќе се примени од страна на Вселенската патријаршија и за Македонската православна црква.
Македонската православна црква-Охридска архиепископија се наоѓа во најзначајниот момент од својата понова историја во процесот на признавање на нејзиниот автокефален статус. Состојбите во православниот свет, кои беа посериозно разбранувани поради украинското црковно прашање, директно се рефлектираат и врз македонското црковно прашање. Последната средба на двете најзначајни фигури во православието, вселенскиот патријарх Вартоломеј и рускиот патријарх Кирил, која се случи на последниот ден од август годинава, дава надеж дека процесот на конечно решавање на статусот на МПЦ-ОА ќе продолжи да се движи кон крајната цел, а тоа е томос за нашата автокефалност.
Рускиот патријарх што во Истанбул заминал по свое лично барање не успеа да го убеди вселенскиот патријарх во намерата да го „затвори прашањето за автокефалност во Украина“.
Два дена по средбата сѐ уште нема официјални соопштенија, но, според пишувањата на грчките и руските медиуми, сѐ поизвесно е дека средбата не поминала со посакуван резултат за руската страна. Тоа се толкува и поради моментот што веднаш по завршувањето на средбата патријархот Кирил заминал за Москва, без да присуствува на однапред закажаниот заеднички ручек.
Сето ова, според верските аналитичари, значи неотстапување од поставените позиции на Вселенската патријаршија во нејзините обиди да ги реши црковните прашања во Украина и Македонија, кои со децении се отворени и го оптоваруваат православието.
Инаку, Вселенската патријаршија, како што толкуваат познавачите на состојбите, во моментов игра многу важна улога во православниот свет, преземајќи ја одговорноста за решавање на најтешките прашања. Ако таа ѝ додели томос за автокефалност на Украинската црква, тоа за МПЦ ќе значи отворен пат, по кој канонски, практично, ќе се стигне до автокефалност. Ќе се смета дека истиот принцип од Украина сосема е легитимно да го примени Вселенската патријаршија и за Македонија.
„Нова Македонија“ во неколку наврати анализираше колку македонското и украинското црковно прашање имаат сличности и разлики и дали Вселенската патријаршија може да одигра клучна улога во признавањето на МПЦ-ОА, во контекст на нејзините преземени канонски процедури за признавање на автокефалноста на Украинската црква.
Јасно е дека МПЦ нема да отстапи дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски смета дека разликите во ставовите меѓу Вселенската патријаршија (ВП) и Руската православна црква (РПЦ) се дојдени до кулминација, односно дека по оваа средба веќе нема за што друго да се расправа, иако и претходно се знаеја позициите на двете страни.
– ВП не остави простор за повлекување од намерата да даде автокефалност на црквата во Украина. Патријархот Вартоломеј знаеше какви реакции ќе предизвика во Москва и што може да предизвика тоа во православието, како отстапување од принципот на консензус, прекини во општењето и сл. Но ВП си најавуваше дека украинското прашање треба да се реши и дека таа е мајка-црква. Ако сега патријархот Вартоломеј се повлече од ова, особено по средбата со рускиот патријарх Кирил, ќе му се намали угледот во православието. Тој ќе излезе поразен, ќе покаже дека се впуштил во нешто за кое нема сила да истрае, зашто едно е да давате изјави дека проблемот треба да се реши, а сосема друго е да ги земете барањата во процедура, да велите дека сте мајка-црква и да најавувате издавање томоси за автокефалност – анализира Ѓорѓевски.
Според него, се очекува вселенскиот патријарх да остане на ставот, дури и во иднина да издаде томос на Украинската црква, оти ако не се случи тоа, прашање е како другите православни цркви ќе ја третираат ВП.
– Сето ова може да биде добро за МПЦ, оти ВП и нас нѐ вклучува во проблемите што треба да се решаваат во иднина – додава аналитичарот.
Долгоочекуваната средба меѓу двајцата патријарси се случи по период од нецела година, откако Вселенската патријаршија ги презеде одговорноста и предизвикот да биде мајка-црква и да го решава прашањето на автокефалноста во Украина по предлог на украинските државни власти. Руската црква во овој период постојано се противеше на таа иницијатива и организираше средби со повеќе помесни православни цркви за да ги објасни своите позиции зошто ВП не треба да се меша во тој спор. Од овој период е и сигналот што го даде вселенскиот патријарх Вартоломеј, врзано за писмото што Синодот на МПЦ, како и писменото обраќање на нашиот премиер Зоран Заев. Двете обраќања беа со барање да биде признаена автокефалноста на нашата црква како Охридска архиепископија. Тоа дополнително ги вжешти релациите меѓу Москва и Фанар, а потоа беа разменети и серија остри изјави меѓу нив, честопати со закани дека е можен нов раскол во православието ако ВП не се повлече од намерата.
Вселенскиот патријарх за почетокот на септември годинава закажа собор на сите владици на ВП, каде што главна тема се очекува да бидат црковните прашања во Украина и во Македонија. По оваа најава, рускиот патријарх побара средба со г.г. Вартоломеј.
Инаку, средбата меѓу двајцата патријарси траела два часа, а според единствените официјални изјави пред почетокот на состанокот е дека и двете страни се подготвени низ дијалог да ги решат сите отворени прашања.
Проблемите не смеат да се одложуваат
Митрополитот на Вселенската патријаршија за Франција, Емануел, за некои грчки медиуми, по средбата на патријарсите, изјавил дека ВП не се плаши и не може да биде заплашувана од никого, одговарајќи на заканите за можен раскол ако патријархот Вартоломеј не се откаже од намерата на признае автокефална црква во Украина.
– Не сакаме да создаваме раскол, вратата на дијалогот е секогаш отворена, но не можеме постојано да ги одлагаме проблемите – кратко изјавил вториот највлијателен митрополит во ВП, Емануел.