Откога партијата Виножито од вселенскиот патријарх побара да се исправат неправдите кон македонските православни христијани на кои им е оневозможено да слушаат богослужба на македонски јазик, ГПЦ во писмо испратено на истата адреса, остро му се спротивстави на барањето
Грчката православна црква се противи на барањето на политичката партија на Македонците во Егејска Македонија, Виножито, да се овозможи во црквите во Северна Грција да има служби на македонски јазик. Овој став вчера го објави Синодот на ГПЦ, со објаснување дека било испратено писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј во кое „се изразува загриженост за барањето на самопрогласените македонски жители на Грција и на политичкиот агент на самопрогласеното малцинство на Македонците во Грција за служење на Божествената литургија на идиомот на таканаречениот македонски јазик, во национално чувствителниот регион на Северна Грција“.
Грчките медиуми истакнаа дека партијата Виножито, „во која се зборува на словенски“, се повикува на Преспанскиот договор и бара „вселенскиот патријарх да ги прегрне Македонците со истата страст со која ги прифаќа малцинските Грци на Константинопол“.
Павлос Васкополус, претседателот на Виножито, пак, на својот фејсбук-профил накратко ја искоментира реакцијата на грчката црква, во која со доза иронија вели дека ѝ благодари на ГПЦ што индиректно го признала постоењето на Македонците во Грција.
Во писмото што партијата Виножито го испратила до вселенскиот патријарх се бара да се исправат неправдите кон македонските православни христијани на кои им е оневозможено да слушаат богослужба на македонски јазик.
– Како православни христијани, етнички Македонци во Грција, бараме во нашите цркви да може да се применува и нашиот мајчин современ македонски јазик, кој му припаѓа на поширокото семејство на јужнословенските јазици, чија азбука е измислена во 9 век во Солун, од светите Кирил и Методиј. По ратификацијата на Преспанскиот договор меѓу Република Грција и Република Северна Македонија, ние веруваме дека дојде време да ѝ се стави крај на неправдата врз домородното македонско малцинство, македонските православни христијани, етнички Македонци на територијата на Грција, за да можеме да си ги извршуваме нашите верски должности на нашиот јазик. Сакаме нашите луѓе да можат да пеат и да слушаат молитви на нашиот мајчин современ македонски јазик и да ги крштеваат нашите деца со нашите традиционални имиња – се вели во писмото на Виножито испратено до вселенскиот патријарх.
Инаку, Виножито ова барање го испрати до вселенскиот патријарх, зашто тој е формално надлежен за епархиите во Северна Грција што се дел од ГПЦ.
МПЦ засега не се изјаснува за ова барање на Виножито. Таа веќе од вселенскиот патријарх побара признавање на МПЦ како автокефална црква под името Охридска архиепископија.