Еден од најголемите предизвици за Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) претставува утврдување на вистинитоста на пријавената готовина во анкетните листови на функционерите, изјави претседателката на комисијата, Билјана Ивановска, повикувајќи се на едно медиумско истражување.
Можноста за пријавување готовина, според податоците од ДКСК, ја искористиле околу два проценти или 126 од вкупно 7.376 функционери, кои поднеле анкетен лист. Секако тоа не значи дека токму тие имаат цел да бидат коруптивни и дека намерно пријавиле готовина во анкетниот лист, но според првата антикорупционерка Билјана Ивановска, за пријавениот „кеш“ функционерите можат да дадат секакво алиби за тоа како и кога го стекнале и дека во практика ова е многу тешко да се докаже.
– Постои ризик дека сумата што ја пријавил е точна. Значи, дали е толку, или помалку, или е повеќе, дали воопшто има „кеш“, тоа е дискутабилно прашање. Ние можеме да го повикаме тој да дојде, меѓутоа сѐ е тоа ризик. Тој може да позајми пари и да ги донесе, да рече еве, тие се парите. Значи нема тука голема основа за верување. Сѐ тоа е оставено на совеста на функционерите, кој како ќе каже. Меѓутоа голем ризик е, дали е точно или не, и дотолку повеќе што, да речеме тој да ги нема парите, а ги пријавува дека има кеш му остава простор во иден период да се стекне со пари на некој коруптивен начин и после да рече „да тие мене ми се пријавени пари“ – вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Секоја промена на имотот, функционерот е должен да ја пријави во ДКСК. Доколку некој функционер при стапување на функција наведе дека поседува „кеш“, кој не е евидентиран со никаков купопродажен договор, без банкарски трансакции или од должничко-доверителски односи, туку го пријавува како заштеда или пари „од грнето на дедо ми“, подоцна може да го искористи како „алиби“ за новостекнатиот имот, се објаснува во истражувањето. Токму поради овој проблем, првата антикорупционерка вели дека е неопходна законска измена, односно нов закон за потекло на имот. Таа предлага секој да пријави како го стекнал имотот, но и одреден лимит на готовина што може да се чува во домот.
Инаку, во анкетниот лист, функционерот треба да ги наведе движниот и недвижниот имот што тој лично го поседува, како и имотот на членовите на неговото семејство. Од сите ставки на анкетниот лист, кои преку разни институции се лесно проверливи и може да се следи нивното движење, само ставката „средства во готовина“, според упатените, е препуштена единствено на чесноста на подносителот.
Пред донесувањето на важечкиот закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, УЈП ги спроведуваше постапките за испитување на имот и имотна состојба, по што оваа надлежност премина на ДКСК.