Многубројните светителски мошти, кои низ вековите се зачувале во Македонија, како и оние што во поново време се донесени во нејзините храмови, се сведок за богатиот и
континуиран црковен живот на нашите простори. Моштите во Македонија и денес се центар на почитувањето на многумина светители. Преку нив верниците им оддаваат достојна почит на оние што со животот и подвигот му угодиле на Бога
Свети мошти од над стотина значајни светители од христијанството, меѓу кои и честици од светиот крст на кој бил распнат Исус Христос го градат македонското црковно наследство и наедно се признание за посебноста на Македонската православна црва, како канонска наследничка на древната Охридска архиепископија. Малкумина знаат дека во сите поголеми и позначајни цркви и манастири во Македонија има мошти и реликти од значајни светители, особено од оние што дејствувале на овие простори.
Целото тоа духовно наследство, кое со векови се собирало и градело во Македонија, покрај тоа што е доказ за црковниот континуитет на нашата црква, наедно е и огромен предизвик за православните народи да дојдат и лично да се уверат во живоста и историското значење на МПЦ-ОА за целото православие.
Токму ваквата духовна сила што во себе ја има и ја носи нашата национална црква е и една од причините што соседните цркви имаат зголемени апетити за земање под закрила на нашата црква, а некои од нив се негатори на македонската црковна вистина. Сите овие реликвии сведочат за исправниот пат на МПЦ во битката за нејзината автокефалност во православниот свет.
Големината на духовноста на нашата црква го дава и одговорот на прашањето зошто МПЦ е залакот што сите би сакале да го грабнат за себе.
Стотици светители можност за поклонение
Според теологот Виктор Недески од Теолошкиот факултет во Скопје, почитувањето свети мошти на територијата на Македонија довело до тоа, до денес во нашата земја да се зачуваат моштите на многумина значајни светители, не само за нашата помесна црква, туку и за целата православна екумена.
– Како најзначајни и најкултни за нас како црква и народ, секако, треба да се истакнат моштите на родоначалникот и патрон на МПЦ-ОА, свети Климент Охридски, кои низ вековите останале една од најпочитуваните реликвии во нашата помесна црква, како и гробот на свети Наум Охридски. Понатаму, во Охрид, како духовен центар се чуваат и почитуваат дел од моштите на свети Јован Владимир, света маченичка Марина, свети првомаченик Стефан и света Параскева Римјанка (во истоимениот манастир во Велгошти), а од поново време и честици од моштите на св. Харалампиј, св. Нектариј Егински, св. Евстатиј Плакида, св. Игнатиј Богоносец, св. мч. Емилијан, св. Јоаникиј Ракотински, св. Николај Мирликиски, св. мч. Тимотеј, св. Климент, папа римски, св. мч. Виктор и др. Свети мошти на повеќе светители се чуваат и во манастирот „Пресвета Богородица“ во селото Манастирец – Македонски Брод – истакна Недески.
Вели дека и во Битолската митрополија се чуваат дел од моштите на свети Агатангел Битолски, свети Климент Охридски и на св. Евстатиј.
– Во Слепченскиот манастир, се чуваат дел од моштите на св. Кипријан Слепченски, св. Николај Мирликиски и св. Јован Крстител. Во храмот „Вознесение Христово“ во Крушевско како и во манастирот „Трескавец“ – мошти на непознати светители. Во манастирот „Зрзе“ – св. Пантелејмон и св. Прокопиј, во манастирот „Св. Архангел Михаил“, Варош, Прилеп – св. Козма и Дамјан и св. Стилијан. Во Струмичката епархија, во храмот „Св. Кирил и Методиј“ се чуваат дел од моштите на св. Василиј Велики и св. Теофан Начертани, во манастирот во Водоча – од преподобен Јосиф Спилеот. Во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје се чуваат моштите на новопрославениот светител Јоаникиј Ракотински, а делови од моштите на повеќе светители се чуваат и во Марковиот манастир. Во Брегалничката епархија во Лесновскиот манастир се чуваат моштите на новопрославениот светител Гаврил Велички, а во храмот „Успение на Богородица“ – Ново Село, Штип, дел од моштите на св. Алимпиј Столпник. Во Тетовско-гостиварската епархија, во храмот „Св. Кирил и Методиј“, Тетово се чува дел од моштите на св. Елевтериј Драчки – додава теологот.
Според него, многубројните светителски мошти, кои низ вековите се зачувале во Македонија, како и оние што во поново време се донесени во нејзините храмови се сведок за богатиот и континуиран црковен живот на нашите простори. Моштите во Македонија и денес се центар на почитувањето на многумина светители. Преку нив верниците им оддаваат достојна почит на оние што со животот и подвигот му угодиле на Бога и се вброиле во небесниот светителски хор.
Бигорски и Рајчица чувари на светоста
Бигорскиот манастир е едно од најголемите светилишта во земјава, а наедно и чувар на многу свети мошти. Оттаму велат дека благодатта во црквата ја дополнуваат и чудотворните мошти сместени во големиот, уникатен кивот (ковчег во кој се чуваат мошти од светители) од 1834 година, изработен од битушките мајстори, како и во олтарот.
– Во кивотот се живописани светиите, чии мошти се вградени во него. Тука се наоѓаат моштите на св. Јован Крстител, кои се мироточиви и исцелителни, како и оние на св. Марина, св. Параскева, св. Евстатиј, св. Пантелејмон, св. Јаков, св. Јулита и св. Кирик, св. Трифун, св. Харалампиј и св. Никита. На средината на кивотот во сребрен крст е вграден дел од чесниот крст на Господ Исус Христос. Овие светињи биле донесени од Цариград, подарени од богатиот трговец Хаџи Наќе од селото Беличица. Во олтарот, пак, се чуваат моштите на св. Климент Охридски, св. Стефан Првомаченик, св. Николај Мирликиски, св. Серафим Саровски, св. Јован Руски, св. Варвара, св. Лазар Четиридневен, св. Климентиј, св. Агатангел Битолски, св. Нектариј Егински, св. Партениј Лампсакиски, св. цар Константин и царица Елена и многу други – велат од манастирот.
Во манастирот во Рајчица, меѓу другото, се чува и поголемо парче од раката на св. Георгиј Победоносец. Монасите велат дека моштите се непроценливо духовно богатство за манастирот, зашто преку нив овие светители се молитвено и благодатно присутни во храмот, станувајќи силни застапници пред Бога за монасите и мирјаните, кои со вера пристапуваат да се поклонат пред нив.
И цар Самуил градел црква со мошти од Македонија
Почитувањето на светите мошти во новозаветната црква се среќава мошне рано. Така, гробовите на првите маченици христијани и мартириумите градени врз нив стануваат култни места и први богослужбени собиралишта на раната црква. Оттаму и до денес останала практиката при осветувањето на православните храмови, во олтарот да се полагаат мошти на маченик. Низ историјата многу црковни центри за да го зацврстат својот углед се обидувале да дојдат до моштите на некои значајни светители на црквата, а во тоа особено се истакнувале градовите Рим, Константинопол, Трново и др. Впечатлив пример од Македонија е токму пренесувањето на моштите на свети Ахил Лариски од Лариса во Преспа, за да се утврди новоформираната црква во Самуиловата држава врз култот на значајниот светител – учесник на Првиот вселенски собор.
Чудата на верата
Теологот Виктор Недески посочува дека свети мошти во православната црква се нарекуваат телесните останки на упокоените светители.
– Според учењето на црквата, на човекот му е даден потенцијал да стане бог по благодат, односно да постигне светост, која треба да биде цел на животот на секој христијанин. Кога човекот се осветува, тој се осветува во целост, како психосоматско битие, па оттаму произлегува и почитувањето и на телата, односно моштите на светите божји угодници, кои и по упокојувањето на светителот се покажуваат како чудотворни. Чесните коски не чудотворат сами од себе, туку преку божествената благодат што ги опкружува и го облагодатува целиот човек, а не само неговиот дух – објаснува Недески.
Вели дека вакви чудотворства на моштите на упокоените светители среќаваме уште во Стариот завет.