Казнено поправните установи во Македонија имаат лоши материјални услови за сместување на притворените и осудените лица, како и сериозен недостаток на професионален и стручен кадар што влијае на непречено остварување на правата на ресоцијализација и на непречена здравствена заштита и на другите права за време на издржувањето на мерката притвор или казната затвор.
Ова го констатира Народниот правобранител во Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам за 2017 година.
– Затекнатите лоши материјални услови, несоддветната опременост на просториите за сместување, влагата и недоволното затоплување во просториите, нефункционалниот систем на повикување, се дел од причините поради кои Народниот правобранител препорача итни мерки за санација на објектите во кој е сместен Затворот Скопје, особено делот за притворени лица- рече заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа на денешната прес-конференција на која го презентираше Годишниот извештај.
Таа посочи дека лани биле извршени редовни и ненајавени посети на притворскиот дел на Затворот Скопје и затворот Струмица, како и последователна посета на затворот во Куманово заради согледување на постапувањето по дадените препораки од посетата во декември 2014 година.
Нагласи дека состојбата во затворот во Струмица е уште полоша, нема приемно одделение поради што новопримените оудени лица се сместуваат во просториите за изолација (самица) каде има и по три лица поради што има чести вербални и физички пресметки.
– И во овој затвор недостасува кадар во секторот за обезбедување, особено од женски пол поради што претресот на посетителите-жени воопшто не се спроведува што ја доведува во прашање безбедноста на установата- рече Бајрамовска-Мустафа и додаде дека во затворот Скопје во втора смена претресот на женските лица го прават службеници од машки пол.
Медицинската заштита во затворите, додаде, се одвива во недостаток на кадар, апаратура и лекови. Во затоворот во Скопје нема медицински кадар по 20 часот, а во сабота по 15 часот, а во Струмица доаѓа само два пати неделно по неколку часа и во текот на еден месец се вршат прегледи на шеесетина лица. Таму, како што кажа, нема ни психолог, интернист или стоматолог.
За затворот во Куманово рече дека се уште не е решен проблемот со недостаток на вода поради што во секоја просторија осудените и притворените лица чуваат вода во пластични шишиња што придонесува за зголемување на влагата во просториите. Позитивно е што осудените лица работно се ангажирани во затворот и надовор од него.
– Во полициските станици состојбите и понатаму се непроменети и просториите за задржување не ги исполнуваат минимум предвидените меѓународни стандарди. Затекнавме простории за задржување во исклучително лоша состојба, па задржувањето во нив претставува понижувачки и нехуман третман врз задржаните лица- рече Бајрамовска-Мустафа и додаде дека во шест полициски станици нема ни пристапни рампи залица со попреченост, ниту, пак, засебни тоалети за службените и задржаните лица.
Во текот на 2017 година, прецизира, тимот на Народниот правобранител заедно со експрети од различни институции извршил вкупно 48 превентивни посети, како и мониторниг на три казнено поправни установи, 13 полициски станици, по една посета на Психијатриската болница Негорци и Домот за стри лица Сју Рајдер во Битола, 30 посети во прифатните транзитни центри Винојуг и Табановце, Пифатниот центар за странци во Гази Баба, Прифатниот центар за сместување на баратели на азил во Визбегово, социјалните станови во Визбегово каде се сместени косовските бегалци, како и неформалните места за задржување на бегалци во селата Лојане и Ваксинце.