КАКВА БЕШЕ 2018 ГОДИНА ЗА МПЦ?
Најзначајниот настан за МПЦ беше кога Вселенската патријаршија на крајот на мај 2018 година излезе со официјално соопштение, во кое презеде одговорност за решавање на нејзиниот канонски статус
Неколку клучни настани од 2018 година ќе останат запишани во историјата на Македонската православна црква-Охридска архиепископија како значајни за нејзиниот статус во православниот свет. Ако претходните години беа означени како статускво-години за нејзиното прашање за добивање автокефален статус меѓу православните цркви, оваа година на надворешен план МПЦ покажа капацитет за иницијативност во поглед на решавањето на нејзиното прашање. Првпат отворено побара од Вселенската патријаршија признавање на автокефалноста, што се толкува како решителен исчекор на владиците во борбата за македонската црковна самобитност.
Аналитичарите оценуваат дека генерално МПЦ имала динамична година, но сепак е потребен многу поголем ангажман на владиците за афирмација на црквата и во земјава и надвор од неа. Најзначајниот настан за МПЦ беше кога Вселенската патријаршија на крајот на мај 2018 година излезе со официјално соопштение, во кое презеде одговорност за решавање на нејзиниот канонски статус. Еден месец претходно, Синодот на МПЦ-ОА и премиерот Зоран Заев испратиле поединечни писма до патријархот Вартоломеј во кои бараат признавање на автокефалниот статус на МПЦ.
Соопштението на Вселенската патријаршија предизвика бурни реакции меѓу православните цркви, пред сѐ во грчката јавност.
Ова беше втор случај во кој Вселенската патријаршија се заложи за решавање на канонскиот статус на една црква, откако првпат постапи по барањето на украинскиот државен врв за признавање на автокефалноста на Украинската православна црква – Киевска патријаршија.
Во тој период во функција на спречување на конечното решавање на црковниот проблем, а и во поширок контекст и поврзано со политичките притисоци се појавија негатори на македонскиот народ, држава и црква. На внатрешен план, МПЦ исто така имаше година во која се донесоа многу новини, но и се прославија многу одлуки.
На 27 и 28 мај 2018 година во Охрид се чествуваше еден милениум од основањето на древната Охридска архиепископија. Ова беше првиот голем јубилеј, кој Македонската православна црква – Охридска архиепископија го слави како поврзување на нејзиниот континуитет со Охридската архиепископија.
На архиепископскиот црковно-народен собор на почетокот на октомври 2018 година беше одлучено Македонската православна црква во иднина да ја носи титулата канонска наследничка на Охридската архиепископија, но и титулата на Јустинијана Прима. Беше додадено и Јустинијана Прима во титулата на архиепископот г.г. Стефан, кој сега се ословува како митрополит скопски и архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима. Тогаш МПЦ апелира и за национално единство, со препорака да се употребат сите сили за запазување на националниот и духовниот идентитет на македонскиот народ и сè што е македонско, како и да не се менува името на државата, а со тоа и на црквата.
Пред еден месец беше избран и нов владика во Синодот на МПЦ, епископот полјански отец Јаков. Тој како викарен епископ на струмичката епархија ќе му помага во раководењето на владиката Наум.
Отец Партениј е првиот „граѓанин на Европа“
Еден од позначајните настани за МПЦ е и тој во октомври 2018 година, кога на свеченоста организирана во Парламентот на Европската Унија, на игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, му беше врачена највисоката почесна награда на ЕУ – „граѓанин на Европа“.
Архимандрит Партениј е првиот граѓанин на Република Македонија што ја добива оваа висока награда, а за која беше номиниран од европратеникот од пратеничката група ЕНП/ГЕРБ, Андреј Ковачев.