ВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ УРИВААТ РЕКОРДИ
Научниците откриваат дека најтоплите периоди за две илјади години се случиле во 20 век и зафаќаат повеќе од 98 отсто од планетата
Апсолутни температурни рекорди беа срушени ова лето во повеќе делови во Европа, иако не се исклучува можноста и новите рекорди да бидат одново соборени бидејќи летото сè уште не е завршено, а август знае да биде пеколен.
Живите во термометрите во Белгија, Холандија, Германија, Франција, Луксембург, но и во Велика Британија се искачија до невообичаените 40 Целзиусови степени, а некаде и над тоа, поради што властите во овие земји мораа да прогласат црвен аларм и да преземат соодветни мерки за заштита на населението.
Предупредувањата и бомбастичните вести за промените на времето можеби и не треба да зачудуваат бидејќи научниците откриле дека глобалното затоплување со оваа брзина и опсег не можат да го споредат со ниту еден сличен настан во последните 2.000 години.
Истражувањата на научниците покажале дека моменталната стапка на загревање е повисока од која било претходно низ историјата. Иако скептиците се обидуваат да ја оспорат драматичноста на глобалното затоплување аргументирајќи дека осцилациите се случувале и претходно, научниците со ова докажаа дека со вакви промени човештвото претходно не се соочило.
Во минатогодишниот извештај на Меѓународниот панел за климатски промени беше истакнато дека највисокото ниво на светските емисии на јаглероден диоксид мора да се достигне во 2020 година, со намера планетата да не се загрее за повеќе од 1,5 Целзиусов степен.
Сегашните планови не се ни блиску до таквата цел за задржување на температурата под таканаречената безбедна граница. Како што стојат работите сега, до 2100 г. ќе имаме затоплување од три степена, а не од 1,5 степен, што би било погубно.
Бидејќи државите своите планови вообичаено ги подготвуваат на пет или 10 години, за да се постигне целта за намалување на јаглеродниот диоксид за 45 отсто до 2030 година, тогаш повеќе од јасно е дека плановите за тоа мора да се подготват до крајот на 2020 година.
Ниту Македонија не е надвор од овие процеси, бидејќи и земјава ќе ги почувствува последиците од глобалното затоплување. Според мислењето на Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска, државна советничка за климатски промени, стратегиите за развој и инвестициските планови треба да ги интегрираат климатските фактори, односно планирањето на просторот и урбаното планирање, како и секторските политики во областите енергетика (вклучувајќи го и транспортот), управувањето со водите, земјоделството, шумите, биолошката разновидност и природата.
– Тие треба да се во насока на обезбедување понизок јаглероден раст и развој и да се приспособени на проектираните влијанија од климатските промени – смета Грнчаровска.
Таа напомнува дека ваквиот интегриран пристап бара адаптација во системите на образование, истражување и развој.
– Се покажа дека интеграцијата на аспектите поврзани со климата во политиките за образование и политиките за истражување и развој е јаз, но, во некое време, тоа е можност земјата да генерира основа за мудро креирање политики за понизок јаглероден раст и развој и градење општество поотпорно на идните климатски влијанија, каде што партнерството меѓу науката, политиките, бизнис-заедницата и јавноста е клучен предуслов – наведува Грнчаровска.
Според неа, за поефикасно справување со климатските промени е потребна примена на еколошки иновативни пристапи и технологии.
– Екоиновациите ќе станат клучни за економскиот раст, конкурентноста и вработувањето. Клучот за создавање нови работни места, економски раст и благосостојба на населението во Европа е во ефикасни еколошки иновации, кои бараат високи стандарди за заштита на животната средина, во комбинација со широк спектар на други економски инструменти – намалување на данокот на додадена вредност за енергетски ефикасни стоки и услуги, зелени јавни набавки итн. Во национален контекст, ова значи вклучување на климатските аспекти и во индустриската и иновативните политики и вкрстеното поврзување со целите на одржливиот развој, кои се однесуваат на индустријата, иновативноста и инфраструктурата и целта за одржлива потрошувачка и производство – нагласува Грнчаровска.
Научниците, набљудувајќи ја климатската историја во изминатите 2.000 години, од топлиот римски период меѓу 250 и 400 година, па до маалото ледена доба во која од 15 век температурите 200 години благо опаѓале, откриле дека ништо од тоа не се случило на глобално ниво. Притоа проучувале околу 700 историски климатски записи, како и годовите на стеблата, коралите и езерските слоеви.
– Откривме дека најтоплите периоди за две илјади години се случиле во 20 век и зафаќаат повеќе од 98 отсто од планетата. Тоа докажува дека антропогеното (предизвикано од човекот) глобално затоплување не е само прво и единствено во историјата кога зборуваме за апсолутните температури, туку таква распространетост не сме виделе во последните 2.000 години – пишува во научен труд објавен во списанието „Нејчр“.
Како и да е, глобалното затоплување е најсериозната закана за човештвото и доколку работите не се сфатат сериозно, ќе биде предоцна. А веќе е доцна.