Истражувањето спроведено на Државниот универзитет во Мичиген покажа дека оние кои прекумерно ги користат платформите како Фејсбук и Твитер за својот живот одлучуваат слично како да се под влијание на алкохол или на дрога
Зависноста од Интернет поприми такви размери што луѓето речиси и да не комуницираат директно меѓу себе, родителите сè помалку се дружат и разговараат со своите деца, на улица се задлабочени во телефоните и не внимаваат на сообраќајот, така што општеството полека влегува во еден стадиум во кој отуѓеноста станува главна општествена одлика.
Продуктивноста и фокусираноста на работните места постојано опаѓа, бидејќи сите се обременети со нивните статуси на социјалните мрежи, постојано набљудуваат кој или што направил или кажал, дали некој го лајкнал нивниот статус и сл. Децата во училиштата наместо да се посветат на образовниот процес се дефокусирани со мислите и се занесени во тоа што ќе им биде следниот предизвик во популарните компјутерски игри.
– Децата се, буквално, преокупирани со Интернетот. Наместо да читаат книги, тие по цели денови минуваат покрај компјутер, гледајќи некои, како што ги нарекуваат, познати „јутјубери“, кои одеднаш се претворија во влијателни личности во нивните животи. Резултат на ова се деца со редуциран говорен фонд, деца што повеќе го познаваат англискиот отколку македонскиот јазик и деца со деформиран ’рбетен столб и ослабен вид – вели Марија Ѓ., учителка во едно скопско основно училиште.
Таа додава дека децата кога доаѓаат наутро на настава се ненаспани, бидејќи родителите ги оставаат до доцна да седат пред компјутерите.
– Повеќе пати им посочив дека во 22 часот треба да се во кревет, но тие ми одговараат дека не можат да излезат на крај со нив, дека ако им го исклучат компјутерот децата се нервозни, викаат и плачат. Јас сум воспитувачка, но не сум нивен родител, така што освен укажувањата до родителите да разговараат со своите деца и да ги оттргнат од компјутерите нудејќи им друга занимација, повеќе не можам ништо друго да направам – нагласува Марија.
Од друга страна, ниту возрасните не се ништо поразлични од децата. Откако ќе се вратат од работа, продолжуваат со своите активности на Интернет, разменувајќи едвај по некој збор со околината. Ситуацијата отиде дотаму што пред некоја година Владата мораше да воведува забрани за отворање на некои интернет-страници, оти вработените во државните служби повеќе го минуваа времето на Фејсбук и Инстаграм отколку да ја работат работата за која се платени.
До каде оди глобалната зависност покажува и податокот дека за време на неодамнешниот пад на серверите на овие познати социјални мрежи, луѓето хистерично реагираа и бараа начини како повторно да пристапат на мрежата.
Неодамна во соседна Србија дојде до трагичен настан кога тинејџерка падна од покривот на зграда во Ниш додека се обидувала да снима видеоклип со својот мобилен телефон.
Најновите истражувања укажуваат на тоа дека тие што ќе станат зависни од социјалните мрежи често носат погрешни одлуки, слично како оние што се зависни од алкохол или од опијати. Истражувањето спроведено на Државниот универзитет во Мичиген покажа дека оние кои претерано ги користат платформите како Фејсбук и Твитер, за својот живот одлучуваат слично како да се под влијание на алкохол или дрога, а научниците истакнуваат дека социјалните платформи ги користи една третина од човештвото, што проблемот го прави многу посериозен. Дека работата е отидена предалеку потврдуваат и последните измени што ги направија токму Фејсбук и Инстаграм, со кои корисниците ќе се предупредуваат дека минале премногу време на Интернет.
– Интернетот нуди брз повратен ефект и моментално задоволство, со тоа и се засилува неговата употреба. Воедно, поединци споделуваат дека тоа е брз начин на дистракција од стресот и од секојдневните проблеми, каде што за поединецот е полесно вниманието да го насочи кон онлајн-содржина и да си создаде безбедна, комфорна зона – вели Јасмина Јонуз, психолог.
Според неа, на младите треба да им се промовира здрав животен стил и поинакви, нови однесувања кои ќе им донесат задоволство, адреналин, јакнење на самодовербата.
– Користењето на Интернет во денешницата е неизбежно, во некоја мера и корисно, но сепак со зголемување на свесноста за зависностите од Интернет, треба да се ограничи степенот на употреба и да се најдат и други навики за подигнување на расположението – додава Јонуз.
ИТ-експертите сметаат дека, едноставно, повеќе не постои опција луѓето да се оттргнат од телефоните и од компјутерите.
– Тоа е процес во еден правец. Технологијата отиде далеку, плаќаме сметки преку Интернет, ја вклучуваме климата во станот, ги контролираме камерите во викендичките, веќе на улиците има и автомобили без возач кои се управуваат преку Интернет, зборуваме за паметни градови и сл. Буквално сите сме влезени во една мрежа од која повеќе не можеме да излеземе – објаснува Максим Ристевски, програмер.
Според него, единствен начин да се намали зависноста од Интернет е самодисциплина, односно да се определи фиксно време што ќе се минува пред компјутер и тоа да се почитува.
– Нема друго решение освен да поставиме тајмер на компјутерот што по два-три часа ќе нè предупреди дека сме минале доволно време на Интернет, да го изгаснеме компјутерот и да се посветиме на други работи – додава Ристевски. По сите согледувања станува јасно дека процесот е тргнат во еден правец, дека е невозможно некој „да го изгасне Интернетот“, но е потребна една глобална акција која ќе почне од основната нишка на едно општество, од семејството. Тогаш кога родителите ќе престанат да ја носат работата дома и кога слободното време ќе го посветат на своите деца преку заеднички активности кои ќе ги зближуваат, тогаш можеби ќе се врати и надежта дека не е сè загубено.
Зависноста од Интернет како клиничко нарушување
Зависноста од Интернет прв ја дефинирал докторот Иван Голдберг во 1995 година и тоа како клиничко нарушување со силни негативни социјални, работни, семејни и финансиски последици по личноста. Симптоми на зависност од Интернет се: променливо однесување, минување на што повеќе време пред компјутер, прекин на школувањето или на работниот однос, занемарување на другите обврски и интереси, проблеми со концентрацијата и помнењето, несоница, проблеми со ’рбетот, видот, слухот и др.