Независно од начинот на кој планираат да заминат во Германија, бројот на кандидатите секој ден е сѐ поголем, за што сведочат и во училиштата за странски јазици низ земјава
Голем број граѓани на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија, се во исчекување на новиот германски закон за доселеници со кој, како што е најавено, ќе се либерализира можноста за вработување во Германија. Ваквата најава, но и изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел дека Германија сака да го реши недостигот од стручњаци со овозможување „добра обука за што поголем број луѓе“ и вработување квалификувани луѓе од други држави-членки на ЕУ, но и надвор од неа, предизвика заинтересираност кај регионалната јавност, и се верува дека дополнително ќе го охрабри заминувањето на луѓето од овие простори.
По оваа изјава на Меркел, од германската амбасада во Скопје побаравме дополнителни информации и објаснувања, за оттаму да бидеме упатени на официјалната веб-страница на амбасадата.
На официјалниот сајт на амбасадата, покрај тоа што има детално упатство за поднесување апликација и за барање работа во СР Германија, е поставено и предупредување дека македонските граѓани треба да внимаваат на несериозни визни агенции што нудат работа.
– Амбасадата не соработува со посредници или агенции. Особено тие немаат посебен пристап кон доделувањето термини. За постапката се плаќа исклучиво визната такса, која ја наплаќа амбасадата. Обрасците и упатствата како и резервацијата на термините се бесплатни – стои на веб-страницата на германската амбасада во Скопје.
Таму, меѓу другото, пишува и дека македонските граѓани, кои се заинтересирани за стручни работни позиции во Германија, сега или во иднина, поопширни и подоверливи информации можат да најдат единствено на страницата www.make-it-in-germany.info.
И претходно, неколкупати германската амбасада во Скопје апелираше до граѓаните да не наседнуваат на многубројните дезинформации во јавноста и на приказните на лажни посредници за вадење работни визи.
Сепак, откако Германија најави дека ќе го отвора пазарот на трудот за стручна работна сила и од држави што не се членки на ЕУ, агенциите во земјава продолжуваат да нудат посредување при барање работа во Германија.
– Во моментов на Германија најпотребни ѝ се инженери по електротехника, металски и инженери по мехатроника, готвачи, медицински сестри, негуватели, ИТ-стручњаци, односно програмери. Германската влада настојува, освен од земјите од Балканот, да привлече и стручњаци од Мексико, Филипини, Бразил, Индија и Виетнам – велат од една скопска агенција, која нуди посреднички услуги при вработување во странство.
Независно од начинот на кој планираат да заминат во Германија, бројот на кандидатите секој ден е сѐ поголем, за што сведочат и во училиштата за странски јазици низ земјава. Во едно од нив, за „Нова Македонија“, објаснуваат дека во периодов имаат сѐ повеќе заинтересирани за изучување на германскиот јазик поради намерата за заминат во Германија, и тоа од сите возрасни групи
– Германскиот, по англискиот, е најизучуван јазик во училиштето. Освен во основните и во средните училишта, се учи и во дополнителните училишта како нашето, каде што постои зголемен интерес и за полагање на испитот за степенот на познавање на јазикот, кој им ги отвора вратите на многу Македонци за студирање, работа или спојување со семејството во Германија – велат во едно од училиштата.
Инаку, многу државјани на земјите од Западен Балкан, кои имаат ниски плати, како и невработените, во минатото одлучија да заминат во западноевропските земји, пред сѐ, во Германија, а уште многумина планираат да заминат што, од друга страна, во нивните матични земји веќе почна да предизвикува загриженост како поради депопулацијата, така и поради недостигот од работна сила.