Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со германската амбасадорка Анке Холштајн присуствуваше на свеченото примопредавање на опрема – донација од Сојузното министерство за внатрешни работи на Германија за нашето министерство за внатрешни работи.
– Неспорен е фактот дека од осамостојувањето на нашата земја до денес, Сојузна Република Германија беше и останува наш доследен поддржувач и партнер, давајќи огромен придонес во нашите напори да изградиме стабилно, демократско и просперитетно општество, подготвено да стане рамноправен член на евро-атланските асоцијации – истакна Спасовски, при преземањето на возилата и опремата наменети за потребите на Граничната полиција, донација од Сојузното министерство за внатрешни работи, градежништво и татковина на Германија.
Донацијата, вредна околу 660.000 евра, опфаќа 22 возила, од кои 10 од марката „дачиа дастер“ и 12 од марката „форд фокус“, со вредност од 370.000 евра кои ќе бидат предадени за користење на Бирото за јавна безбедност за потребите на Граничната полиција и техничка опрема во вредност од 290.000 евра, која се состои од: опрема за присилно запирање на возила – модел „Стингер“, опрема за напредна проверка на документи – модел „Регула“, термални камери со долг домет, батериски лампи, светлечки стоп палки, чизми и флуоросцентни елечиња.
– Ми причинува задоволство што можам да ви предадам опрема во вредност од 660.000 евра – донација од 22 теренски возила, термални камери, апарати за проверка на документи, уреди за присилно запирање на возила и друга опрема. Сојузна Република Германија исклучително ја цени поддршката на полицијата на Република Северна Македонија, особено на граничните служби, во справувањето со миграциските текови на Балканската рута – рече амбасадорката Холштајн.
Според Холјштајн, заедничкото менаџирање со мигрантските текови во Европа е исклучително важно за постигнување успеси во овој сегмент.
– Вашата работа е доказ за одговорност и професионалност, па во 2020 година службите постојано и успешно се справуваа со групи за криумчарење на мигранти. Се надеваме дека овие успеси ќе продолжат и во 2021 година. За тоа колку ние важна соработката со вас покажува и фактот што минатата година назначивме и офицер за соработка со граничната полиција во германската Амбасада. Уште еднаш ја изразувам мојата срдечна благодарност за добрата соработка и вашиот ангажман – посочи германската амбасадорка.
Министерот Спасовски во свое име и во име на Министерството за внатрешни работи упати благодарност до германската влада и до колегите од германското Министерство за внатрешни работи за вредната донација и за нивната искрена подготвеност за понатамошна поддршка и помош, која придонесува кон продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и кон квалитативно надградување на капацитетите на МВР.