Оваа грејна сезона, Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир ќе почне со комплетно нов систем на загревање со течен гас (ТНГ).
Второто најголемо родилиште во државата, повеќе нема да биде причинител за загадување на градот Скопје, соопшти Министерството за здравство.
– Болницата во Чаир е институција која има многу сериозно место во нашиот здравствен систем. Инвестиравме многу. Во изминатиот период, се примија над 40 здравствени работници, лекари, медицински сестри со што капацитетот на луѓето што работат тука е зголемен за 25%. Се инвестираше многу и во инфраструктурата. Има целосно реновирани операциони сали, има повеќе меѓународни проекти со донации, нови ехо апарати, целосно опремени амбуланти, нова опрема којашто се користи во делот за интензивна нега, за бебињата посебен централен мониторинг каков што нема ниту едно друго родилиште во земјата. Ова е една институција која заедно со клиниката и останатите родилишта во коишто сите овие имплементирани проекти на крајот значеа намалување на новороденечнката смртност – изјави министерот за здравство, Венко Филипче, кој беше во посета на болницата.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, изјави дека ова е првиот проект со кој нашата држава се претвора во енергетски поефикасна.