Поголем дел од населението се загрева на дрва, при што во процесот на согорување на дрвото во воздухот се испуштаат цврсти честички. Кога греењето би се заменило со гас, тоа не би било случај и затоа е подобро да се забрза процесот на гасификација на домовите, сметаат експертите
Гасификација на домаќинствата е единствениот начин да се елиминира загадувањето на воздухот предизвикано од загревањето на домовите, но се чини дека овој процес ќе потрае уште неколку години, со оглед на долгогодишната стагнација околу изградбата на потребната инфраструктура.
Гасот во Македонија, преку конекција со Бугарија, е пристигнат уште во почетокот на 90-тите години на минатиот век, но поради различни интереси, пред сè финансиски, требаше да поминат децении за да започне изградбата на национален гасоводен систем во земјата.
Поради тие причини не е за чудење што домаќинствата во поголемите градови останаа негасифицирани, па затоплувањето на домовите се сведе на употреба на дрва и јаглен, кои се едни од најголемите загадувачи на воздухот.
Според последните најави на премиерот Зоран Заев, изградбата на примарната гасоводна мрежа треба да заврши до крајот на следната година, по што се очекува да започне изградбата на секундарната мрежа, односно гасот да се носи до секое домаќинство.
– Гасификацијата на земјата ќе донесе намалување на трошоците за енергија и намалени емисии на штетните гасови во воздухот – истакна Заев за време на една од посетите на градилиштата каде што се поставува гасоводната инсталација.
Изградбата на секундарната мрежа е во надлежност на општините, кои преку тендер треба да одберат изведувач што ќе ги гасифицира домаќинствата.
Во Македонија досега делумно се гасифицирани само Струмица и Куманово, додека преостанатите градови сè уште чекаат. Во Скопје на гас се приклучени само неколку компании, додека домаќинствата засега не се поврзани.
– Се изнаслушавме разни ветувања изминативе децении за гасификација на градовите. Додека ние да го дочекаме гасот, цената ќе му отиде до небо и тие што имале намера да се приклучат, добро ќе размислат дали да го сторат тоа. Гасот е навистина одлично решение за загревање на домовите, но никако да се случи тоа – вели Сотир Димчевски од Скопје.
Тој додава дека не очекува гасификацијата во домовите да се случи во скоро време.
– Добро е што се гради примарната мрежа, но јас не гледам дека некаде е почнато да се копа и да се поставуваат цевки до домовите. Требаше паралелно да одат двата процеса, и да се гради примарната мрежа и да се поставуваат инсталации до домовите, оти кога ќе се завршеше изградбата на националниот цевковод, градовите само ќе се поврзеа и домаќинствата веднаш ќе можеа да добијат гас. Вака ќе се прават студии, ќе се распишуваат тендери, па жалби, па неутврдени имотноправни односи, искрено навистина не верувам дека брзо ќе се случи тоа, иако би сакал да грешам – нагласува Димчевски.
Клучните делници што во моментот се градат се Скопје – Тетово – Гостивар, во должина од 76 километри и вредност од 29 милиони евра, Неготино – Прилеп – Битола, во должина од 92 километри и вредност од 36 милиони евра, и Неготино – Штип во должина од 36 километри и вредност од 16 милиони евра. Изградбата на сите делници е во поодмината фаза и се очекува таа, барем како што најавуваат надлежните, да заврши кон крајот на следната година.
Експертите од областа на енергетската ефикасност сметаат дека употребата на гасот ќе придонесе за многу почист воздух и дека земјава нема друга алтернатива.
– Поголем дел од населението се загрева на дрва, при што во процесот на согорување на дрвото во воздухот се испуштаат цврсти честички. Кога греењето би се заменило со гас, тоа не би било случај и затоа е подобро да се забрза процесот на гасификација на домовите – сметаат експертите.
Сериозноста на состојбата со загадениот воздух ги алармира сите во државата, па претседателот Стево Пендаровски најави дека овој проблем ќе го стави на дневен ред на следната седница на Советот за безбедност, закажана за средината на декември.
Тој завчера се сретна со претставници на еколошки организации и најави неколку иницијативи во насока на намалување на загадувањето.