Ирина Јанакиевска која живее во Лондон, напиша што значи Божиќ за неа и зошто сармата е дел од традицијата на која таа и целото семејство се радуваат, во авторскиот текст насловен „Зошто сармата од кисела зелка значи Божиќ“ за британски „Гардијан“. Таа се присети на готвењето на нејзината баба во Скопје и на собирањето на семејството за време на Божиќ, во обид да ги запознае читателите на британскиот весник со македонската празнична традиција.
– На терасата кај баба ми седиме седуммина за да запалиме гранче од даб за Бадник. Осуммина сме, доколку го броиме и бурето со кисела зелка. Јас постојано мислев на специјалитетот кој ќе биде подготвен од листовите на зелката. Можеме да го започнеме Бадник, без месо, млечни производи или јајца, бидејќи ова е последниот ден од Рождеството Христово – објаснува Јанакиевска, опишувајќи го нејзиното доаѓање од Лондон во Скопје на 6 јануари 2011 година, токму навреме за прославата на Божиќ.
Трпезата е неверојатна: лепче со паричка што носи среќа и бериќетна година, тавче-гравче, охридска пастрмка, бел грав, туршија, ајвар, а ноќта се завршува со слатки десерти.
– Иако Бадник одвај привршува, баба ми брза да провери до каде е храната за Божиќ! Од нејзината кујна веќе се шири фантастична арома. Пред неколку недели таа ме праша дали има нешто специфично што сакам да ми подготви за Божиќ. Одговорот секогаш е ист: сарма од кисела зелка, а таа обожува да го готви специјалитетот за мене – пишува Јанакиевска.
Специјалитетот, направен од мелено месо и ориз завиткани во листови од кисела зелка, а послужени со чадена сланина и свински ребра, е слабост за секого. Но, сармата подготвена со толку многу љубов од баба ми, за мене значи сѐ. Тоа беше последен пат кога ја јадев сармата на баба ми.
– Денес се сеќавам на специјалитетот и времето поминато за Божиќ, додека самата го подготвувам за моето мало семејство во Лондон. На нашата трпеза има посебно место резервирано за специјалитетот кој со толкава љубов го подготвуваше мојата баба. Можеби никогаш нема да можам да ги усовршам нејзините сарми од кисела зелка, но сепак би било доволно само да се готви, да се сака, и да се запамети семејството – наведува Јанакиевска, која го сподели и рецептот за сарма во нејзиниот текст.