Во организација на Коалицијата на младински организации СЕГА денеска во Скопје се одржа седмата Национална конференција на Македонскиот модел на Обединети Нации.
На конференцијата учествуваат млади од повеќе градови од Македонија кои влегуваат во улогата на вистински дипломати на државите членки на ОН и преку конструктивна дебата на реални глобални прашања ја симулираат работата на различни комитети на Обединетите Нации.
– Денес младите практично ги применуваат вештините кои ги стекнуваа во изминативе неколку месеци. Со ова искуство тие застануваат на првото скалило да станат идни лидери и треба да одлучат дали ќе продолжат да вложуваат во својот потенцијал. Гласот на младите, нивниот активизам и енергија можат да придонесат со иновативни пристапи за надминување на предизвиците на денешното општество – рече Моника Илиоска Кантарџиоска, Програмски менаџер на Коалиција СЕГА.
Програмата Македонски модел на Обединетите Нации има за цел да се зајакнат капацитетите на младите за застапување, лобирање, дипломатија, разрешување конфликти, јавно говорење и пишување.