Врховниот суд денеска ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд во Скопје дека не се исполнети условите за екстрадиција на Томор Морина во Србија.
Во образложението на судот се наведува дека Морина е државјанин на Косово и на Велика Британија, а не на Србија, и дека кривичното дело за кое е обвинет е извршено на територијата на Република Косово управувано од Обединетите нации според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност од 10 јуни 1999 година.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 14 август 2019 година донесе решение по предметот заведен под Кр.бр.30/2019 со кое го потврди решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје КИОК-КС.бр.252/19 од 07.08.2019 година, кој одлучил дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на лицето Т.М., државјанин на Велика Британија и на Република Косово“, се наведува во соопштението од судот кое во целост може да се прочита тука.
Во образложението се наведува дека Косово е независно од 2008 година и дека Република Северна Македонија ја признава таа независност.
Во пресудата на Врховниот суд не е наведено дали Морина останува во притвор во очекување на конечната одлуката која по судското решение треба да ја донесе Министерството за правда.