ПО ДОЛГОГОДИШНОТО ИСКУСТВО СО ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО
Имам завршено гимназија, учев во „Орце Николов“. Таму бев изложена на врсничко насилство подолго време. Бев една од трите ученици што дојдоа од истото основно школо. Не познавав скоро никого во новата средина, сите ги гледав првпат. Откако ги запознав, стекнав друштво. Но имаше и такви на кои најверојатно нешто им пречеше кај мене, па сакаа да ме задеваат. Вака ја започна својата приказна младата Симона Стојчевска за „Нова Македонија“.
Таа сега е студентка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, а наедно е и врсничка едукаторка и менторка на младински иницијативи. Со нас ги сподели своите непријатни искуства од минатото и даде препораки како младите да препознаат врсничко насилство и како да реагираат.
– Тоа беа коментари што се однесуваа на тоа како изгледам, како сум облечена, потоа имаа измислено некаков прекар за мене, па во групен чет го користеа прекарот или зборуваа за мене, или на екскурзија пееја песни со тој прекар. Имаше неколку врсници што се дружеа меѓу себе и не знам дали имаа нешто против мене или само сакаа да се забавуваат. Не можев да сфатам зошто го прават тоа. Се имам враќано дома со плачење, а единствениот совет од родителите ми бил да ги игнорирам. Имав 15 години кога почна да ми се случува тоа, а на 18 сфатив дека тоа навистина е проблем. Ми всадија мислење дека не сум вредна како другите, дека не заслужувам љубов како другите. Понатаму и во професионална средина се случувало да си сфаќам сѐ на лична основа. На сето тоа имам работено и со многу труд успеав во голема мера да го надминам. Некогаш се фаќам во ситуации кај што реагирам несоодветно, поради тоа минато искуство, но брзо се враќам во колосек и не дозволувам нешто што ми се случило во минатото, толку да влијае врз тоа како го живеам животот сега. Свесноста е половина од патот за решавање на проблемот – вели Симона.
Таа апелира до сите млади луѓе да се охрабрат и да се едуцираат за врсничкото насилство.
– Ги поттикнувам да имаат на ум дека не само физичкото насилство остава последици. Исто толку лоши се и вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството. Дури и кога си сведок на насилство, тоа остава трага кај тебе. Доколку некогаш подолг период биле изложени на насилство од кој било вид, нека поработат на освестување за можните последици што ги имаат и нека поработат на надминување на тие последици и ослободување од тој товар, кој им останал поради непријатното искуство.
Ги охрабрувам да побараат помош од пријателите, од наставниците, стручната служба, родителите… Можеби нема во целост да успеат да го запрат насилството, но поддршката многу ќе им помогне да се справат со него на конструктивен начин, кој нема да им остави големи последици.
Никој не заслужува да биде третиран поинаку, освен со почит и достоинство, истакна таа.
– Ако некогаш се сведоци на насилство, нека најдат ненасилен начин да го запрат уште веднаш и секогаш, ама секогаш, кога се или жртва или сведок нека пријават кај некој возрасен, кој ќе умее да ја реши ситуацијата на ненасилен начин. Само со пријавување може да добиеме соодветно решавање, а наедно и да придонесеме кон зголемување на видливоста на самиот проблем со што би ги поттикнале и институциите малку посериозно да се зафатат со проблемот – додава Симона.
Според психологот Фросина Денкова Зафировска, денес родителите се соочуваат со голем број предизвици кога станува збор за родителството и формата што ја има, па голем број експерти велат дека во историјата на родителството не се бележи период што бил покомплексен за улогата родител.
– Врсничкото насилство е еден од предизвиците што со сигурност е меѓу поактуелните, имајќи предвид дека голем број деца секојдневно се жртви или сведоци на оваа појава. Реакциите на родителите, пак, одат од крајност во крајност. Има родители што навистина сериозно му пристапуваат на овој проблем, но почесто го перципираат како нормална развојна „фаза“, низ која поминуваат училишните деца. За нормализирањето на оваа појава исто така придонесува и самиот „насилен контекст“ на кој сите ние секојдневно сме изложени, па детското задевање, буткање, па и вербално навредување многумина го гледаат како нешто што е типично во периодот на растење и развој на децата и тоа особено за машките деца. Притоа, она што е особено важно е што самиот начин на денешното живеење и семејно функционирање, остава многу малку простор за разговор и споделување на настаните на дневно ниво во рамките на семејството, а споделувањето на емоциите одамна како да стана табу-тема. Се разбира, современиот начин на живот не е оправдување, напротив, аларм за акција дека навистина треба повеќе да се свртиме кон децата, кон она што го доживуваат и како се чувствуваат. И се разбира клучно е со нив, како родители, многу да комуницираме – вели Денкова Зафировска.
Таа, вели, би тргнала од што поголема превентива во борбата против оваа појава.
– Да ги едуцираме родителите како да го препознаат најпрвин врсничкото насилство, а потоа и што да преземат. Ако е потребно, корисно е да побараат и психолошка помош – смета психологот.
Од голема важност е за проблемот да разговара со наставникот и педагошко-психолошката служба во училиштето и сериозно да му се пристапи на овој проблем.