Фото: Игор Бансколиев

Вработените во „Алкалоид“ и нивните семејства денеска на деветиот по ред хуманитарен донаторски хепенинг собраа околу 1,2 милиони денари, пари кои ќе бидат донирани за повисока свест за значењето на чиста и здрава околина. На настанот кој се одржа во „Белви“, присуствуваа околу 3.000 вработени и гости. Парите кои беа донирани на настанот кој го организира Фондацијата „Трајче Мукаетов“ чиј основач е „Алкалоид“, ќе бидат донирани на здружението на граѓани О2 – иницијатива за заштита и одбрана на природата и обезбедување на чиста и здрава животна околина.

– Посебно сум горд што традицијата на донирање и помагање на заедницата во која сите ние живееме и функционираме продолжува веќе деветта година по ред и станува сѐ помасовна. Кога одлучувавме за намената на овогодинешната донација, кај сите консултирани веднаш добивавме акламација истата да биде наменета за борба против загадувањето. Проблемот со загадувањето на животната околина е горлива тема која непосредно нѐ засега сите нас. Граѓанската иницијатива О2 е легитимно избрана и се надевам дека оваа донација ќе ја искористи за една навистина благородна цел – подобрување на квалитетот на животна околина, а со тоа и квалитетот на животот воопшто – рече во своето обраќање пред присутните Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД“ Скопје.

Ели Пешева, претставничка и еден од основачите на иницијативата О2, рече дека поддршката од „Алкалоид“ е доказ дека работите се придвижуваат во позитивна насока.

– И воздухот и водата и почвата се загадени. Нема сегмент кој е чист, здрав и безбеден за граѓаните. Се трудиме да работиме на подигнувањето на јавната свест, но и да ги мотивираме и поттикнеме одговорните институции, сериозно да ги третираат последиците од загадувањето, за нас веќе карактеристично во текот на целата година, а не само за време на зимскиот период – рече Пешева.

А.П.