Денеска и утре во Тирана ќе се одржи средба на иницијативата Отворен Балкан, на која е најавено учество на македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама. На оваа средба, меѓу другото, се очекува да биде потпишан Меморандум за работни визи меѓу трите земји.
Пред одржувањето на состанокот Заев, Вучиќ и Рама со отворено писмо ги канат соседните земји од регионот да ѝ се придружат на иницијативата Отворен Балкан. Во писмото на претставниците на трите држави од Западен Балкан се наведува дека желбата на народот да биде прифатен од членките на ЕУ „повторно и повторно била попречена од внатрешните политики на земјите-членки, неисполнување на дадените ветувања и стравот од иднината“. Тројцата лидери заклучуваат дека тоа резултирало со разочарување, нестабилност, иселување и недостиг на големи инвестиции.
„Ние, како лидери на нашите земји, можеме да одлучиме да се жалиме на тоа, или можеме да одлучиме да направиме нешто во врска со тоа. Ние го избравме второто. Во ноември 2019 година потпишавме прелиминарен договор за стимулирање на таканаречениот Берлински процес, така што во свои раце ја презедовме подлабоката регионална соработка“, се додава во писмото.
Исто така, се нагласува дека, иако „често биле казнувани како „буриња барут“ во Европа“, како „одговорни лидери тие не можат да дозволат регионот да се повлече во кошмарите од минатото додека ЕУ не биде во можност да стори повеќе за проширувањето во овој стадиум”.
„Имаме свои разлики, не се согласуваме за некои политички прашања – но сите се согласуваме дека економијата и четирите европски слободи се начин да му понудиме на нашиот регион надеж и траен мир“, се потенцира во писмото, во кое се додава дека „Отворениот Балкан не е утешна награда наместо членство во ЕУ, туку, напротив, голем чекор кон тоа“.
„Крајно време е сите народи и луѓе во регионот да се обединат за подобра заедничка иднина. Таа која нуди стабилност, мир и подобар животен стандард за сите, се вели во писмото на отворен Балкан“, се наведува во писмото.
Инаку, по веста за средбата поранешниот албански претседател и експремиер Сали Бериша повика на национални протести, кои, како што изјави, се први во рамките на „револуцијата” и имаат две главни цели, против Отворен Балкан и против националната кражба, односно, според него, обидите на Рама и Вучиќ за поделба на Косово.
-На 20 декември народот е на протест. Завршува непријателското антиалбанско сценарио на „Отворен Балкан” што е замена за Берлинскиот процес со онаа на Путин. Предупредив дека ќе има национални протести – рече Бериша.