На церемонија во Охрид денеска беше најавен почетокот на првата голема меѓународна „НАТО-ЕАДРЦЦ“ вежба – „Северна Македонија 2021“, која од 20 до 24 септември ќе се реализира во Охрид и во Струга.
Македонија е домаќин на оваа меѓународна вежба на која ќе учествуваат 28 земји со околу 700 учесници и дваесетина меѓународни организации.
Вежбата се базира на урбани операции за пребарување и спасување, како последица од природна катастрофа (земјотрес), планинска потрага и спасување, одговор на поплави, одговор на хемиски, биолошки или радиолошки инциденти и кампањи за лажни вести кои ќе влијаат на цивилното население и критичната инфраструктура во областа околу градовите Охрид и Струга.
МВР на вежбата ќе учествува со над 200 припадници на дваесетина надлежни организациски единици, над 40 возила, пет пловни и два воздухополовни објекта, два тима за спасување од непристапни планински терени и вода, службени кучиња и др.
На отворањето се обрати министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој изрази уверување дека вежбата ќе придонесе кон унапредување на ефикасноста и јакнење на меѓусебните врски во национални и меѓународни рамки, размена на искуства, интегрирање на ресурси и капацитети и придонес кон зголемување на превенцијата, раното предупредување, справувањето и санирањето на последиците од катастрофи.
Според министерот за внатрешни работи, сценариото на оваа голема вежба опфаќа повеќе елементи, и тоа: елементарна природна непогода, спасување и укажување помош на граѓаните, криминал, кибернапади, лажни вести и слично, кои претставуваат одлична основа за развивање на капацитети и способности за градење на регионален пристап и стратегии, со цел соодветно спротивставување, сузбивање на овие криминални дејствија и преземање конкретни мерки на дејствување, со што претставува адекватен одговор на предизвиците со кои во поново време се соочуваат државите.
„Меѓу потенцијалните ризици и закани по безбедноста на Република Северна Македонија како членка во НАТО, би ги издвоил организираниот криминал, нелегалната миграција, компјутерскиот криминал и кибернападите, лажните вести и, секако, пандемијата со Ковид-19, за кои во зависност од комплексноста за нивно откривање, спречување, степенот на опасност и интензитетот на последиците, е неопходен современ, регионален пристап и заедничка стратегија за делување“, рече Спасовски, додавајќи дека цивилната подготвеност при справување со кризни и сложени безбедносни состојби е од круцијално значење и основна обврска на членките на НАТО-алијансата.
„Тоа значи постигнување на интероперабилност и заштита на животот, имотот и личната сигурност на граѓаните. Бидејќи безбедносниот систем е основата на функционирањето на правната држава!“, порача Спасовски.
Спасовски посочи дека Министерството за внатрешни работи, како интегрален дел на Системот за управување со кризи е во постојана комуникација и соработка со останатите субјекти, а со цел унапредување на комуникацијата и координацијата помеѓу субјектите кои се дел од овој систем, е вклучено и во процесот на негова дигитализација, со примена на веб базираната алатка NICS (Next Generation Incident Command System).
Центарот за управување со кризи е домаќин, односно организатор на сите активности поврзани со вежбата, во која учествуваат сите надлежни институции кои се дел од Системот за управување со кризи, а вклученоста во овие НАТО вежбовни активности претставуваат одлична можност за поддршка на националните власти и градење на нашите капацитети, преку подобрување на готовноста при природни катастрофи и катастрофи предизивикани од човек, подобрување на планирањето, превенцијата и одговорот, со што би се зајакнале националните капацитети за одговор при итни ситуации, со што се исполнува и една од целите – национално сертифицирање и операционализација од Република Северна Македонија за алатката NICS, развиена од програмата на НАТО за „Наука за мир и безбедност“.