Ексклузивно: Документи од Архивот на СПЦ
Пишува: Блаже Миневски
Во прегледот за убиени свештеници од 1941 до 1945 година, кој пред Синодот на СПЦ го поднел тогашниот епископ банатски Дамаскин, стои дека 40 свештеници од Македонија биле ликвидирани од Германците, Бугарите, Арнаутите, четниците, недиќевците, љотиќевците, но и од партизаните. Освен овој преглед, во архивата на СПЦ во Белград се чуваат и други документи, изјави и извештаи поврзани со Македонија. Така, на пример, пред седумдесет и две години во Синодот на СПЦ се одржале неколку тајни средби за возобновување на Македонската православна црква, иако една година пред тоа, во мај 1946 година, истиот синод донел одлука „никако да не се попушта по прашањето на црквата во НР Македонија, а црковниот поредок да се зачува онаков како што постоел со векови“. Документот потврдува дека Лазар Колишевски на таен состанок со патријархот Гаврил во Белград отворено се заканил дека доколку Србите не попуштат, „владиката Борис од Пиринска Македонија е готов да се стави во служба на Македонците“. Редовното заседание на Светиот архијерејски сабор на 20 април 1947 година започнало со разгледување на извештајот за работа на Синодот на СПЦ од 1941 до 1946 година. Во врска со извештајот што го поднел тогашниот епископ банатски Дамаскин се истакнува дека за време на војната, но и во првата година по неа се случиле многу „важни настани за црквата и народот“, па затоа извештајот не е само попис на активностите на САС туку и анализа на историските настани од почетокот на окупацијата до 20 април 1947 година.
Во скопската епархија биле ликвидирани 19 свештеници
Во извештајот на епископот Дамаскин од 1947 година, на 5 мај 1941 година во Белград стигнале избеганите „српски архијереи од Македонија“, скопскиот митрополит Јосиф и злетовско-струмичкиот епископ Викентие. Во истиот документ се забележани и голем број убиства на епископи, свештеници и обични верници во окупираните делови на кралска Југославија, а во прегледот за убиени свештеници од 1941 до 1945 година се евидентирани и 40 свештеници од Македонија. Во скопската епархија, на пример, биле убиени 19 свештеници – четворица од Германците, петмина од Бугарите, четворица од Арнаутите, исто толку од партизаните, еден од југословенската кралска војска и еден од четниците. Во злетовско-струмичката епархија двајца свештеници убиле партизаните, еден бил убиен од љотиќевците а еден загинал од сојузничкото англо-американско бомбардирање на Македонија. Во охридско-битолската епархија двајца свештеници убиле Германците, тројца Бугарите и двајца партизаните. Во истиот извештај се забележува и проблемот со цензурирањето на црковниот печат, прогоните и апсењата на свештенството за време на окупацијата, но и по ослободувањето, проблемите со организацијата и воспоставувањето на новата државна власт, состојбата во која се нашле епархиите на Српската православна црква во новата држава, заклучно со црковните притворања во Македонија почнати веднаш по ослободувањето. Во тој контекст, според документите од архивата на СПЦ, скопскиот митрополит Гаврил уште во декември 1944 година го замолил Светиот архијерејски синод да преземе чекори пред новите граѓански и воени власти со декрет да им се овозможи на „архијереите на Јужна Србија, заедно со избеганото свештенство, веднаш да се вратат на своите редовни должности“. Преземајќи чекори во таа насока, Синодот на СПЦ го замолил повереникот на Националниот комитет за внатрешни работи да „издаде потребни упатства на граѓанските и воените власти во Јужна Србија-Македонија, со кои на архијереите и на парохиското свештенство што се враќаат на своите предвоени службени места во сите црковни општини ќе им се излезе во пресрет, ќе им бидат при рака и по потреба ќе им нудат нужна заштита“ таму каде што ќе биде потребно. Бидејќи во Македонија веќе бил формиран иницијативен одбор за обновување на Охридската архиепископија во лицето на новата Македонска православна црква, ваквото барање на црковните власти во Белград никако не можело да биде реализирано. Всушност, една недела подоцна, на 22 јануари 1945 година, во Светиот архијерејски синод на СПЦ стигнало писмо од иницијативниот одбор со детално образложение на „организацијата на православна црква во Македонија“, на кое, со благослов на Светиот архијерејски синод на СПЦ, одговорил протераниот скопски митрополит Јосиф: „Браќа и господа свештеници, ми дојде до рака вашето писмо испратено на 3 јануари 1945 година, со кое меѓу другото ни го честитате Божик. Од вашето писмо се гледа дека вие тројцата сте одредени привремено да ги водите црковните работи додека не се нормализираат работите и дека сакате да опстоите на канонските правила и прописи, што секој што се грижи за спасение на душата мора да го радува, па и мене, вашиот законско-канонски архијереј, но, за жал, подолу во писмото се гледа дека себеси се ставате на пиедесталот на самостојна и рамноправна страна во однос на САС…“ Протераниот српски митрополит Јосиф своето писмо го завршува со тоа дека моментално е зафатен со неодложни работи, но „штом ќе бидам слободен ќе се погрижам да се видам со вас во Белград или во Скопје“. Како одговор на ова писмо на Јосиф, на 9 март во Белград стигнува телеграма во која иницијативниот одбор известува дека на 4 март 1945 година „во Скопје, во главниот град на Македонија, се собра македонскиот црковно-народен собор на кој делегатите ја искажаа еднодушната желба на сите православни Македонци за што побрзо прогласување самостојна Македонска православна црква, односно обновување на историската Охридска архиепископија“. Според документите од Архивата на СПЦ, српскиот синод и оваа телеграма од иницијативниот одбор повторно ја проследил до протераниот митрополит Јосиф, со молба „да замине во Скопје и на самото место да ја испита целата работа“, а потоа „за сериозноста на оваа акција да поднесе исцрпен извештај, со мислење и предлог“. Сепак, барањето на Светиот архијерејски синод да му се издаде патна дозвола на протераниот српски митрополит за патување во Скопје категорично било одбиено од министерот за внатрешни работи со службен допис дека „засега не може да му се издаде дозвола за патување во Скопје на неговото високопреосвештенство митрополитот Јосиф“.
Тито предлагал да се формира југословенска православна црква!?
Во извештајот за случувањата во СПЦ од 1941 до 1946 година, кој во март 1947 година го поднел тогашниот епископ банатски Дамаскин, повеќепати се подвлекува дека Македонците биле решени во никој случај да не дозволат српски владици и свештеници да служат во македонските цркви. Затоа на 2 април 1945 година, протераниот митрополит скопски Јосиф го известил Светиот синод на СПЦ дека бил принуден да формира црковен суд за скопската епархија, со „привремено седиште“ во Врање, „додека не се укаже шанса да го пренесеме во нашата поранешна резиденција“. Како реакција на овој потег на владиката Јосиф, со акт на Претседателството на Владата на ДФ Македонија, број 1.228, од 25 јули 1945 година, доставен на адреса на „администраторот на српската патријаршија“, стигнало писмо од иницијативниот одбор за возобновување на Охридската архиепископија, во кое се вели дека свештенството на скопската епархија на својата редовна седница на 18 јули 1945 година ги зело во разгледување, покрај другото, и „тенденциозните провокации од страна на митрополитот Јосиф, кој сѐ уште во црквите во Македонија го праќа ’Гласникот на српската православна црква’, формира некаков црквен суд на скопската епархија во Врање и дели некакви пари и помош за скопската, злетовско-струмичката и охридско-битолската епархија“. Ваквите активности на СПЦ продолжуваат и следната 1946 година, сѐ до седми декември, кога доаѓа до состанок на иницијативниот одбор, од една, и српскиот патријарх Гаврил заедно со скопскиот митрополит Јосиф, од друга страна. Резултатот на разговорот бил целосно разидување на двете страни, зашто, како што се вели во извештајот, членовите на иницијативниот одбор биле „конфузни, дрски и неодредени“. Во српските белешки останало забележано дека делегацијата на иницијативниот одбор ја сочинувале „свештениците Кирил Стојанов, Нестор Попов и свештеникот Мукаетов, заедно со две цивилни лица“. Записниците од заседанијата на Светиот архијерејски сабор, одржани на 5 и 13 мај 1947 година во Белград, под раководство на српскиот патријарх Гаврил, потврдуваат дека прашањето за возобноввањето на Охридската архиепископија како МПЦ било едно од најважните, ако не и најважно прашање за Српската православна црква. Според записникот од седницата одржана на 5 мај, митрополитот Јосиф ја изнел историјата на преговорите водени со иницијативниот одбор, подвлекувајќи дека, дури и пред патријархот, членовите на делегацијата биле многу дрски, дури сакале, како што рекол, „да диктираат свои решенија, па му поставувале и прашања на патријархот дали тој го признава македонскиот јазик, на што тој им одговори дека тоа е само наречје.“ Протераниот митрополит бил револтиран и од генерал-мајорот Ѓуриќ, кој, како што рекол, отворено ги застапувал интересите на иницијативниот одбор, тврдејќи дека оние што му се јавуваат на патријархот и наводно го молат да ги врати српските епископи во Македонија, може да се само Срби, а не Македонци. Во истиот записник стои и тоа дека патријархот Гаврил никако не се согласува со предлогот од „врвот на државата“, СПЦ да се преименува во југословенска, но како Српска православна црква би „дозволил Македонците да поставуваат свештеници, па дури да избираат и нови одбори и совети, во кои би влегле Македонци“. Записникот од ова заседание завршува со тоа дека патријархот Гаврил предложил Светиот архијерејски синод да испрати акт до владата со молба да им се овозможи на митрополитот Јосиф и на епископите Викентие и Венијамин да се вратат во своите епархии во Македонија, за да се воспостават „црковен поредок и редовна состојба во православната црква во Македонија“.
Таен состанок на Колишевски со патријархот Гаврил!
Во овој дел од документите особено е интересен записникот од заседанието на Светиот архијерејски сабор одржан на 13 мај 1947 година во Белград, кога патријархот Гаврил веднаш, уште на стартот, ги известил присутните за проблемите во Македонија, информирајќи дека за тоа зборувал и со претседателот на Федералната влада, со иницијативниот одбор, со Димитар Влахов, но и со претседателот на Владата на НР Македонија, Колишевски, побивајќи ги, како што рекол, нивните ставови дека СПЦ дури во 1912 година ја проширила својата духовна власт на Македонија. Во продолжение во наводници, како цитат, се наведува извештајот што во таа пригода го поднел патријархот Гаврил: „На десетти мај, околу седум и пол часот попладне дојде свештеникот Милан Смиљаниќ, и ми соопшти дека истата вечер околу осум и пол часот кај мене на разговор сакаат да дојдат генерал Љубодраг Ѓуриќ и Колишевски. Генерал Ѓукиќ преку Смиљаниќ изразил желба разговорот да биде без присуство на митрополитот Јосиф. Точно во осум и пол часот дојдоа Ѓуриќ и Колишевски. Ги примив во официјалниот кабинет. На разговорот присуствуваше и свештеникот Милан Смиљаниќ, кој учествуваше и во дискусијата, а во одредени моменти самиот ги бранеше нашиот црквен став и гледиште.
По претставувањето и запознавањето, генерал Ѓуриќ рече дека претседателот Колишевски дошол за да разговара со мене за црковното прашања во Македонија. Јас тогаш му реков дека ми е мило што имам можност да се запознаам со господин Колишевски и дека им стојам на располагање. Господин Ѓуриќ, како и порано, огнено зборуваше за поранешната ропска положба на македонскиот народ, жестоко критикувајќи ја, како што рече, великосрпската пропаганда, која тој добар народ немилосрдно го угнетувала. Сега македонскиот народ доби, рече, полна слобода, и тој сега сака и своја црква што ќе ја уреди по свое, со своја црковна власт и органи. Колишевски опширно ја објаснуваше состојбата во која Македонците страдале од великосрпска, великобугарска, великогрчка и други пропаганди, нафрлувајќи се жолчно на органите на великосрпската пропаганда, на која, како што рече, митрополитот Јосиф бил главен фактор, па затоа тие сакаат да имаат своја црква и свои луѓе. Во долгата дискусија, која траеше повеќе од два часа, јас докажував дека СПЦ не прави и не правела разлика меѓу верниците, туку со мајчинска грижа ги третира сите православни верници, во сите епархии еднакво, па и оние во Македонија. Во дискусијата нагласив дека архијерејскиот сабор под претседателство на патријархот е највисока наша црковна власт, и дека, според канонско-законските одредби, во Македонија мора да се воспостави редовна црковна состојба, а во иднина животот и работата на црквата да се развиваат како што се развивале полни дваесет века, иако политичките состојби се менувале, државите се формирале, укинувале и обновувале. Во таа насока спомнав дека би дозволиле и внатрешна употреба на македонскиот дијалект, полна слобода во изборот на нивните епархиски и црквеноопштински совети и одбори, дека ќе ги поддржиме сите свештеници што ги исполнуваат канонско-законските услови, дека ќе се договориме за називите на парохиите, епархиите и општините и дека ќе најдеме решение за сите црковни надлежности со наша помош и под наша заштита. Тогаш Колишевски рече дека народот и свештенството се поделени, едни сакаат автокефалност, а други автономија, но и едното и другото го бараат со полно право. Притоа, во сите негови барања енергично го поддржуваше и помагаше генерал Ѓуриќ. Слушав смирено и трпеливо, но кога Колишевски се обиде да предочи за штетата за Православната црква, ако патријаршијата не попушти пред желбата на македонскиот народ, пред свештенството и народот во Македонија, заканувајќи се дека во Пиринска Македонија има владика Борис, кој е готов да им се стави во служба Македонците, морав да реагирам: ’Имајте на ум, господине претседател, дека тој Борис е клирик на туѓа црква, која нема никаква правна основа да се меша во нашите внатрешни црковни работи; нашата црква нема физички средства да спречува насилство и незаконитост, но ве уверувам дека ниту една православна црква не може и нема да признае една таква одметничка авантура’. По оваа мачна дискусија, Колишевски малку помолча, а потоа рече дека враќањето на митрополитот Јосиф во Македонија е невозможно, затоа што против него се целиот народ и свештенството: ’Ако митрополитот Јосиф се појави во Македонија, тој ќе биде линчуван’, рече Колишевски. ’Можеби’, реков јас, ’но само ако Вие како претседател на Владата наредите да го линчуваат’. Колишевски резигнирано одби дека би можел да направи такво нешто. Помошник-главниот секретар на федералната влада, генерал Ѓуриќ само дополни дека митрополитот Јосиф треба да се премести во друга епархија, а потоа, кога по третпат рече дека во интерес на црквата е да се реши црковното прашање во Македонија, јас повторно реков дека и ние сакаме да излеземе во пресрет, но во оние работи што не ја нарушуваат јурисдикцијата на СПЦ. Потоа, на крајот, и Колишевски и Ѓуриќ рекоа дека Македонците нема да отстапат од своите барања и дека прашањето уште повеќе ќе се заострува. Јас на тоа реков дека длабоко жалам што без потреба се заострува прашањето кога веќе српската патријаршија покажа подготвеност од своја страна да направи сѐ што е можно и што е во интерес на свештенството и народот во Македонија, но кога се во прашање две зла, српската патријаршија не може за ничија љубов да го нарушува вековниот црковен поредок. Овде дискусијата беше прекината и сите тројца посетители се поздравија со мене и го напуштија кабинетот во 11 часот пред полноќ“, стои во извештајот на српскиот патријарх Гаврил од 13 мај 1947 година.
Во записникот потоа се пренесува мислењето на протераниот скопски митрополит Јосиф, кој, како што рекол, најискрено го „жали македонскиот народ, кого неговите денешни претставници го водат во пропаст“, отфрлувајќи ги изјавите дека водел великосрпска шовинистичка политика во Македонија. Притоа, како што останало забележано во записникот на СПЦ, истиот митрополит рекол дека секогаш бил само Србин, каков што е и сега, барајќи Светиот синод да го повика свештенството во скопската, злетовско-струмичката и охридско-битолската епархија да ѝ се обраќа на својата законска јерархија и да се покорува на нејзините совети и наредби, зашто исклучиво со неа може законски и канонски да се расправа за сите црковни потреби и желби. Во поткрепа на тоа дека СПЦ мора да остане таму каде што е, митрополитот ја навел „братската Советска Русија, каде што има 16 републики, но не и 16 цркви, туку една Православна руска црква и еден православен руски патријарх во Москва“.
Во секој случај, во архивата на СПЦ има многу документи за Македонија што можат да фрлат нова светлина врз напорите за признавање на автокефалноста на МПЦ, но и документи што секако би биле добар интересен извор за нови историски истражувања.