Македонските власти тврдат дека нема простор за паника од ширење на вирусот во земјава. Термо-камера на скопскиот аеродром четврти ден лови сомнителни патници со покачена телесна температура. Скенерот се уште не регистрирал такви, немало ниту лажна тревога – патник со симптоми на обичен грип, тврди министерот за здравство Венко Филипче.
– Се обезбедивме од неколку страни. Имаме практично секојдневна комуникација со Управата за цивилно воздухопловство која има директен линк со авиокомпаниите и ни укажуваат однапред дали на овие летови кои доаѓаат од овие две дестинации може да очекуваме патници кои доаѓаат од Кина. Такви патници засега во нашата земја не се дојдени, ниту пак има со овој лет што сега стигнува од Дубаи, меѓутоа за секој случај ќе се спроведе скринингот – рече министерот Филипче.
Досега немало патник од Кина што сменил неколку аеродроми пред да слета на скопскиот аеродром, информира министерот, додавајќи дека засега, термо-камери се превентивна мерка само на аеродром, а не и на граничните премини.
Во меѓувреме расте црниот биланс од коронавирусот. Бројката на починати во Кина достигна 170 а заразени се повеќе од 7.700.
Насекаде во светот е пренесен вирусот за кој епидемиолозите се уште немаат комплетни информации. На европско тло освен во Франција и Германија, носител на вирусот кој може да биде смртоносен има и во Финска. Во Светската здравствена организација имаат зачестени состаноци и на нив е да донесат одлука дали ќе прогласат епидемија на светско ниво.