Резултатите од истражувањата покажуваат висок процент на православни верници во Македонија што постат и оваа бројка е поголема отколку онаа што ја покажуваат анкетите во Србија и во Бугарија, иако се сметаат за доминантно православни земји
Дали и колку верниците од православна, но и од исламска вероисповед го практикуваат постот, кој е еден од столбовите и на христијанството и на исламот, е најчестата дилема во јавноста, особено за време на периодот на пости. Последен посериозен одговор на ова прашање дава истражувањето на Институтот за политички истражувања – Скопје и веб-порталот Религија.мк, со поддршка на фондацијата „Конрад Аденауер“, во кое граѓаните одговарале на директното прашање дали и колку ги практикуваат постите. Резултатите од истражувањето покажуваат висок процент на православни верници во Македонија што постат, а тоа според експертите за верски прашања покажува дека оваа бројка е поголема отколку онаа што ја покажуваат анкетите во Србија и во Бугарија, иако се сметаат за доминантно православни земји.
– Кај православните христијани, 54 отсто од испитаниците изјавиле дека редовно или понекогаш постат, додека кај муслиманите овој процент е многу повисок, односно дури 94 отсто одговориле потврдно – пишува во истражувањето.
Социологот по религија Зоран Матевски вели дека овој процент е повисок од бројот на верници што практикуваат пости во Србија и во Бугарија, земји што се сметаат за доминантно православни.
– Пред неколку децении овој процент беше многу низок, поради влијанието на комунизмот. Потоа, некако постот се сфаќаше како начин на исхрана во функција на држење диета, па многумина го толкуваа како помодарство. Сега, на постот се гледа од еден духовен аспект, односно, како дел од практикувањето на православната религија – објаснува социологот Матевски.