Интервју со Милан Јазбец, амбасадор на Р. Словенија во Р. Македонија
Македонија сега е пример дека целиот регион може да оди напред. Можеби ќе звучи премногу ентузијастички, преоптимистички, но мислам дека сега е моментот за големата мисија на македонската политика, и на позицијата и на опозицијата, која е најмалку двојна – и за Македонија и за регионот. Треба да им се докаже на европските структури дека местото на овој регион недвосмислено е во Европската Унија
За амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Милан Јазбец, дипломат со тридецениска кариера, некогашен новинар, публицист и литерат, со четириесетина издадени дела, професор по дипломатија, особена чест, обврска и одговорност претставува дипломатскиот статус 01, кој е забележан на дипломатските регистарски таблички на возилата на словенечката амбасада во Скопје. Таквиот статус во Македонија, Словенија го има стекнато со фактот што е првата земја што отворила амбасада во Македонија по објавувањето на самостојноста. Исто така, и првиот амбасадор што го испратила независна Македонија бил акредитиран во Словенија. Тоа за господинот Јазбец е само дополнителна професионална поврзаност со Македонија, покрај онаа личната и емотивна, која ја има создадено кога во 80-тите години на минатиот век, четири месеци служел воен рок во Штип, во времето на тогашна Југославија. Тој смета дека тоа е ретка привилегија за еден дипломат, во својата професионалност да ги вложи и личните емоции. Дипломатијата за мене не е само професија, јас дипломатијата ја живеам, вели амбасадорот Милан Јазбец за нашиот весник.
Повеќе од година и пол сте амбасадор на Република Словенија во Република Македонија. Како се чувствувате овде, во Македонија, и што може да одвоите како еден општ впечаток од вашите искуства во Македонија, од професионален аспект? Дали бевте подготвен на ситуацијата во која беше македонското општество во мигот кога стапивте на должноста како амбасадор?
– Во Македонија сум од септември 2016 година, како шести амбасадор на Р. Словенија во Р. Македонија, а прв што доаѓа од друга амбасадорска позиција. На сите други словенечки амбасадори Македонија им била прво амбасадорско искуство. Претходно бев амбасадор на Словенија во Турција, пет години, од 2010 до 2015 година. Се сеќавам на случувањата во 2001 година, со кризата во Македонија, во периодот кога бев државен секретар во Министерството за одбрана на Словенија, од ноември 2000 до 2004 година. Ги следев случувањата во Македонија…
Но, сепак, кога пролетта 2016 година почнав малку повеќе да читам за Македонија и да се подготвувам за мојот амбасадорски мандат тука, сфатив дека не сум бил запознаен со деталите од тековната македонска политика. Во извесна смисла и ме изненади тоа дека тие разлики во македонското општество навлегле толку длабоко. А сметав дека ја познавам Македонија. Бевме дел од иста држава, имаме сличен културолошки, политички, антрополошки контекст и не очекував дека во меѓувреме општеството толку се поделило. Таквите сознанија од анализите и согледувањата на состојбите во Македонија, се прекршуваа низ одредени мои лични спомени и искуства. Имено, четири месеци во Штип, во периодот меѓу 1981 и 1982, служев воен рок, па ги запознав луѓето, културата, менталитетот… Но дури кога дојдов на дипломатскиот терен во Македонија почнав да се запознавам со сите тие ситуации во политичкиот живот. Сега, кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека во Македонија дојдов во момент кога тие настани на политичка спротивставеност во земјата кулминираа. За еден дипломат што доаѓа од една пријателска држава, таквата ситуација каква што јас ја затекнав во Македонија кога пристигнав како амбасадор на Словенија претставува навистина голем дипломатски предизвик, во кој мора да се дејствува многу промислено – да ги продолжиш пријателските односи и, со поддршката каква што била дотогаш, да го пронајдеш она што е позитивно во таква политички затегната ситуација и да ги мотивираш луѓето на наоѓање решение.
Во дипломатските односи меѓу Македонија и Словенија, уште од периодот на раздружување од некогашната заедничка држава, провејува духот на меѓусебно пријателство и поддршка. Сепак, иако ја имаа истата оцена на Бадентеровата комисија за исполнување на критериумите за остварување самостојна државност, Македонија и Словенија имаат сосема различни судбини во поглед на европската перспектива. Може ли Македонија и понатаму да смета на поддршката на Словенија во своите амбиции за интеграции во глобалните системи?
– Македонија на почетокот на деведесеттите години на минатиот век, исто како и Словенија, беше најперспективна што се однесува до евроатлантските интеграции. Но потоа нештата отидоа по друг тек. Ми се чини дека е многу логично по такви големи разочарувања да дојде до некакви промени, до некоја резигнација. Ако тоа се совпадне и со некоја политичка ориентација, многу логично се објаснуваат фрустрациите во општеството. Веќе помина една година од точката на големиот политички пресврт во Македонија.
Сега Македонија е во центарот на вниманието на европските структури, поради големото освежување и големата промена на политички план. Сега веќе никој не зборува за Македонија со некоја голема загриженост за тоа што и како ќе биде, туку само како да се оди понатаму. Тоа е сега шанса за Македонија, но и за целиот регион. Сите го очекуваат тоа големо поместување, што е реално, а покрај сѐ, тоа е голем сигнал за целиот регион. Македонија сега е пример дека целиот регион може да оди напред. Можеби ќе звучи премногу ентузијастички, преоптимистички, но мислам дека сега е моментот за големата мисија на македонската политика, и на позицијата и на опозицијата, која е најмалку двојна – и за Македонија и за регионот. Треба да им се докаже на европските структури дека местото на овој регион недвосмислено е во Европската Унија. Оваа препорака што неодамна ја доби Македонија од Европската комисија е пред сѐ еден аргумент дека во Брисел го сфатија тоа. Тоа е голем поттик за Македонија. Се согласувам со тоа дека и порано имало препораки, но сепак не биле искористени од милион причини. И сега нема смисла да навлегуваме во тие причини. Но сега, по долга пауза, доаѓа оваа безусловна препорака и тоа е шанса што треба да се прифати со полна пареа.
Покрај тоа, во Македонија дејствува и словенечкиот дипломатски дрим тим: вие како амбасадор, шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, и шефот на мисијата на НАТО во Македонија, Горазд Бартол. Како функционира овој дрим тим на словенечката дипломатија што е сега во Македонија?
– Ха, ха… Ви благодарам за епитетот „дрим тим“. Па, ние со Жбогар се познаваме веќе 35 години и не ни треба некое големо усогласување и координација. Бартол е во НАТО-структурите во Македонија и тоа е навистина една добра коинциденција.
Навистина ли е само коинциденција, тројца словенечки дипломати во исто време да бидат главни носители на политиките на ЕУ и НАТО во Македонија, во исто време?
– Малку е и коинциденција, но можеби има и нешто дипломатски инженеринг. Навистина беа потребни тешки разговори за Словенија да раководи повторно со канцеларијата на НАТО во Македонија. Имаше тешки дебати за тоа. За Жбогар беше малку полесно, зашто тој беше во Приштина пет години и како голем познавач на состојбите во регионот полесно дојде на чело на делегацијата на ЕУ во Скопје. Во некоја смисла можеби и беше планирано, зашто на ЕУ ѝ беа потребни луѓе што ги познаваа состојбите на теренот во суштина и подлабоко. А како познавач на состојбите, убедлив си со своите аргументи. На пример, кога минатата година се формира новата парламентарна коалиција во Македонија, Жбогар имаше голем придонес како дипломат за таа да се реализира. Секако дека многу значи таа синергија меѓу нас и нештата полесно функционираат, отколку заедно да работат тројца дипломати што допрва треба да се запознаваат. Забележувам дека во Македонија многу ѝ веруваат на Словенија, од обичните луѓе до функционерите.
Вашиот мандат во Македонија некако се совпадна со бурните моменти на промени на политичката сцена во земјава. Со оглед на тоа дека сте професионален дипломат, кој својата тридецениска кариера ја градел низ пресвртни политички ситуации, како ги проценувате шансите на Македонија да ги афирмира своите дипломатски позиции и приоритети на меѓународен план, пред сѐ во преговорите со Грција околу прашањето за името на државава?
– Преговорите по тоа прашање формално се под закрила и посредство на Обединетите нации и посредникот Метју Нимиц. Сепак секоја поддршка и охрабрување на двете страни да се ангажираат во решавањето на некој билатерален проблем секогаш се корисни. Но не со некои големи лекции и препорачување или наметнување на своето мислење. Мислам дека политичарите на двете земји се сосема зрели и дека знаат каков голем момент е сега и можност да се реши тој спор. Но важно е да се види дека државите-членки на ЕУ, на НАТО, како и сите евроатлантски структури се навистина заинтересирани да се најде некое решение за овој долгогодишен проблем меѓу Македонија и Грција. Со тоа им се дава и поддршка на политичарите што се во процес на преговори и кои одговараат секој пред својата јавност за тоа што го работат. Тоа е градење некоја општа атмосфера на доверба.
Што треба, според вас, да направи Македонија, постои ли некоја формула или конкретен „словенечки пат“ што би гарантирал многу подинамичен просперитет за граѓаните и за самата Македонија?
– Словенија мина низ многу макотрпен процес на зачленување во Европската Унија. Навистина, ние успеавме го направивме тоа за десет години, но работевме со многу силно темпо. А имавме две големи блокади во текот на нашиот кандидатски статус. Нашето искуство што можеме да им го понудиме на Македонија и на сите земји што се на тој европски пат е дека треба да се работи темелно и да не се губи времето. Не треба само да се чека на отворањето на поглавјата. Може уште сега да се работи на усогласување со европските регулативи, на пример на подрачјето на екологијата, на агрокултурата. Со тоа им се дава и сигнал на евроструктурите дека навистина сте заинтересирани за членство во ЕУ. Државата-кандидатка може многу да стори во прифаќање некои норми на ЕУ и пред отворањето на преговорите и со тоа да покаже дека е подготвена за патот кон Унијата.
Земајќи ги во обѕир менталитетот на двата народа и функционирањето на внатрешните системи во двете држави, колку се слични, а колку се различни граѓаните на Македонија и на Словенија?
– Првите дипломатски контакти меѓу Словенија и Македонија може да се каже дека се остварени уште во 1913 година. Тогашниот градоначалник на Љубљана, д-р Иван Хрибар, го испратил својот добар пријател, д-р Јосиф Скоберне во Битола да ја постави општинската управа… Или најдобриот македонски генерал Апостолски, кога започнала Втората светска војна, бил началник на штабот на триглавската дивизија на Словенија, на тогашната кралска југословенска војска. Тој таму се нашол… Има толку многу врски меѓу Македонија и Словенија, и во минатото и денес – роднински врски, студенти, бизнисмени… Мислам дека моментално Словенија е топ-дестинација за македонските студенти. Имам некаков податок дека сега околу 750 студенти од Македонија студираат во Словенија. Во Македонија има многу словенечки бизнисмени… Околу 20.000 граѓани на Македонија работат во Словенија. Во тоа гледам една илустрација дека сме блиски, дека и Македонците и Албанците од Македонија се чувствуваат добро во Словенија, а и Словенците во Македонија. И едните и другите сме пријателски настроени, отворени, љубезни… Можеби и малку повеќе од сето тоа, па не сметаат понекогаш и за понаивни. А имаме и некои слични фрустрации од историјата. Но и тоа нѐ зближува.
Минатата година се кандидиравте на изборите за претседател на Словенија. Дали останува таа амбиција кај вас за некои наредни избори и колку искуството од Македонија би придонело за тоа?
– Сега веќе не размислувам за тоа. Во минатогодишната кандидатура на претседателските избори во Словенија влегов многу сериозно, како дипломат со искуство, но по завршувањето на изборите се посветувам целосно на должноста на која сум. А искуството од службата во Македонија е огромно. Сето ова што ви го говорев во интервјуто се стекнати сознанија, кои секој политичар би требало да ги има.
Кога заминав на должност во Турција, по неколку месеци сфатив дека таа земја, во комбинација со земјите што ги покривав како амбасадор (бев акредитиран во Азербејџан, Иран, Ирак, Сирија и Либан) беше комбинација на најинтересни земји со најтурбулентни случувања во периодот кога бев таму. Тогаш мислев дека тоа амбасадорско место не би го заменил за никое друго на светот. Но кога дојдов во Македонија, кога влегов во текот на настаните, повторно почувствував нешто слично – дека Македонија е во фокусот на меѓународната политика, во фокусот на вниманието на евроатлантските интеграции и структури (ЕУ, НАТО), поради тогашната ситуација, а и поради големите позитивни промени што се случија минатата година, токму во овој период. Во овој момент мислам дека Македонија ја има најголемата шанса за историски решенија, по осамостојувањето.