Четири невладини организации од земјава од 1 март 2017 до 28 февруари 2019 годинава, работат на проектот „Надвор од кругот-невидливи во општеството“, со кој прават напори заедно со институции, како што е Управата за матични книги на родените, овие лица да добијат извод од матичната книга на родените.
Целта, како што беше речено на денешната тркалезна маса во Велес на која беше презентиран проектот, е овие лица да можат да ги остварат основните човекови и граѓански права, а бидејќи најголем дел се од социјално ранливите групи да добијат и социјална помош и друг бенифит од државата.
Со нивна и поддршка на инститициите досега од 250 до 300 лица во земјава добиле извод од матичната книга на родените, а уште 650 до 680 се уште чекаат да го добијат овој важен документ за нивна лична идентификација.
Овие лица ги има во цела Македонија, а најмногу во Скопје и Куманово, а триесетина од нив се во Велес.
Мухамед Точи од Добротворното здружение на Ромите „Месечина“ од Гостивар, кое е вклучено во проектот, вели дека тие веќе 12 години работат на овој проблем, а скоро две години и на терен во 12 поголеми градови. Тој посочува дека има примери како во некои семејства има и три генерации баба, мајка и ќерка кои се без овој документ.
-Шеснаесет наши асистенти одат на терен во 12 градови во земјава. Досега се најдени и евидентирани од 650 до 680 вакви лица на возраст од нула до 68 години. Ние го решивме проблемот на 250 до 300 вакви лица, истакна Точи.
Тој верува дека овојпат навистина Македонија засекогаш ќе го реши овој проблем, бидејќи во два наврати премиерот Зоран Заев на прес-конференции со меѓународни организации вети дека овој пробелем во земјава ќе биде решен до април 2019 година.
Јасна Пецевска – Талевски од Управата за водење матични книги во Скопје, посочи дека овој проблем со лицата без овој документ постои поодамна и дека Владата сега прави заложба за негово решавање.
-Управата за матични книги е дел од тимот што работи на овој проблем за лицата без извод од матична книга на родените. Се преземаат чекори, а за тоа кои од законите во државава треба да се сменат, за да проблемот со лицата беа документи во иднина се решава на поедноставен начин. Во претстојната 2019 година Владата треба да донесе одлука кој закон треба конкретно ќе се промени за да се реши проблемот со овие лица, најави Пецевска – Талевски.
Воедно информира дека во јавиот повик кој бил објавен од 1 април до 30 септември годинава биле потполнети од 650 до 680 прашалника.
– Се појавуваат уште некои лица, а со што бројката ќе се зголеми на околу 700 вакви лица, потенцира Пецевска-Талевски.
Во овој проект се вклучени Асоцијација Иницијатива за социјална промена ИнСоК – Скопје во партнерство со Ромски Едукативен Центар АМБРЕЛА – Скопје, Хуманитарно и Добротворно здружение на Ромите МЕСЕЧИНА -Гостивар и Асоцијација за заштита на права на Ромите – Штип.