Двајца наши лекари кои биле на конгрес во Мадрид, а се вратиле во Македонија во саботата ќе бидат ставени во домашна изолација, затоа што кај еден од предавачите на конгресот бил потврден коронавирус. Министерот за здравство, Венко Филипче, информира дека на двајцата лекари ќе бидат извршени тестови, а резултатите ќе бидат соопштени во текот на денов. Филипче истакна дека лекарите кажале дека немале никаков контакт со заболениот предавач и дека шансите да го имаат вирусот или да се преносители е многу мал.
– Преку СЗО вчера бевме известени дека двајца наши колеги лекари биле на конгрес во Мадрид, а еден од предавачите имал коронавирус. Доцна во саботата лекарите стигнале во Македонија, а вчера немале контакт со никого, освен со домашните. Тие денеска ќе бидат тестирани на Клиниката за инфективни болести, па ќе бидат ставени во домашен карантин во траење од 14 дена. Лекарите кажале дека немале контакт со предавачот и со оглед на малата експоненција од ден ипол сметаме дека е исклучително мал ризикот тие да бидат заразени, а уште помалку тие да бидат преносители – рече Филипче.
Министерот информира дека состојбата на единствената пациентка со коронавирус во Македонија се подобрува и дека веќе трет ден таа нема температура. Во изминатото деноноќие нема пациенти кои се јавиле во болниците со симптоми на коронавирус. Филипче кажа дека карантинот односно изолацијата се одвива добро и дека епидемиолозите се во редовен контакт со луѓето кои се во домашна изолација.
Филипче истакна дека има доволно количини на тестови за коронавирус, близу 1000, а досега се тестирани 13 лица, сите со негативни резултати.
Прес-конференција на министерот за здравство, Венко Филипче
?Прес-конференција во живо.
Posted by Венко Филипче on Понеделник, 02 март 2020
Тој, исто така, информира дека викендов во државава се пристигнати десетина автобуси преку „Табановце“ и дека сите патници се испрашани според прашалникот. „Нема податок дека има заболен или дека некој од патниците бил во контакт со заболени во северна Италија“, кажа Филипче.
Тој информира и дека сè уште се прават контроли во аптеките дали има зголемување на цените на заштитните маски и средствата за дезинфекција и дека попладнево се очекуваат резултатите.
Тој упати порака до граѓаните дека за дезинфекција на рацете исто ефикасен како метанолот, кој моментално го нема поради административен проблем, е изопропил алкохолот кој што го има во аптеките. Филипче рече дека има ист ефект како метанолот и е согласно препораките на СЗО.
Што се однесува до препораките за откажување на сите јавни собири и одржување на спортски натпревари без публика до 6 март, Филипче рече дека тие нема да се продолжат доколку ситуацијата со коронавирусот до тогаш остане иста како и денеска, односно ако бројот на заразени остане само на еден и ако нема ново сомнителни случаи.