ЕВН за првпат годинава им овозможи на учениците од Полошкиот Регион да станат дел од новата ЕВН паралелка. Во Општинското средно техничко училиште „Гостивар“, 20 ученика ќе бидат дел од првата генерација на електромонтери и електротехничари кои по образованието во 2022 година веќе ќе добијат понуди за работа во ЕВН. Учениците се жители на општините кои гравитираат кон Гостивар, Тетово, Кичево, Маврови Анови и Прилеп.
На промоцијата на новиот ЕВН-кабинет во ОСТУ „Гостивар“, присуствуваа министерот за образование и наука Арбер Адеми, претседателот на Управниот одбор на ЕВН, Штефан Петер и претставници на ОСТУ „Гостивар“.
-Големо задоволство е кога идејата што ја имаш ќе биде прифатена и поддржана од другите. Среќни сме што проектот кој пред неколку години го почнавме прeрасна во платформа која е прифатена од сите. Горд сум на учениците, професорите, министерството, колегите и сите инволвирани што придонесоа оваа идеја да стане основа на дуалното образование. Иднината на младите е наша обврска, таа можеме да им ја обезбедиме само ако им дадеме квалитетно образование и можност да работат. Оваа платформа им го обезбедува токму тоа – изјави Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН.
Mинистерот за образование и наука, Арбер Адеми, посочи дека оваа паралелка е посебна по многу нешта и апелираше до учениците да ги следат насоките на професорите и менторите, бидејќи само така ќе дојдат до вештини и знаења кои се неопходни за пазарот на трудот.
Ибрахим Асани, директорот на училиштето, изрази благодарност до ЕВН за иницијативата и до министерството за поддршката. Според него, оваа паралелка ќе го зголеми интересот кај младите за квалитетно образование.
ЕВН-кабинетот е опремен со најсовремените уреди и заштитна опрема и алати кои ги користат и монтерите при секојдневната работа на терен. Со работа во истиот, младите добиваат можност да се едуцираат, одржуваат практикантска работа и обучуваат според европските стандарди.
Учениците ќе посетуваат практикантска работа во корисничките енергоцентри во Гостивар и Тетово, а ќе бидат менторирани од страна на стручни монтери и специјалисти од ЕВН.