Владата на Република Македонија останува посветена на процесите за поголемо учество на Ромите во донесувањето на одлуките за прашањата што ја засегаат оваа заедница и за сите останати прашања, порача премиерот Зоран Заев на денешното одбележување на Светскиот ден на ромскиот јазик.
На свеченоста организирана во македонската Влада, премиерот истакна дека „општество еднакво за сите“ е основниот принцип на програмата на Владата и оти се подготвени не декларативно, туку суштински, да ја изградат Македонија како инклузивно општество.
– Тоа е цел во која силно веруваме и подготвени сме нашето општество да го изградиме како такво. Нашата земја, Република Македонија, да биде признаена во светот како инклузивно општество базирано на прифаќање и славење на различностите. Суштински, а не само декларативно, рече Заев.
Во Македонија децата од ромската заедница имаат право да го изучуваат својот мајчин јазик во основното образование, им се доделуваат стипендии на учениците и студентите Роми, во скопската општина Шуто Оризари отворено е средно училиште, а ромскиот јазик е воведен како изборен предмет на Филолошкиот факултет во Скопје.
– Неодамна на средба со претставници на Ромскиот едукативен фонд во Будимпешта договоривме Република Македонија да се вклучи во проект финансиран од Европската унија кој има за цел да обезбеди поголема интеграција, квалитетно образование за учениците Роми и скратувањето на времето на транзиција кон соодветни работни места на младите од оваа етничка заедница, рече министерот за образование и наука Арбер Адеми.
И од Министерството за култура посочуваат дека водат ги поддржуваат сите активности и проекти во рамки на Годишната програма од национален интерес кои се поврзани со негувањето на културата на Ромите во Македонија.
– Една од заложбите на Министерството за култура е токму негувањето и унапредувањето на традицијата и културата на сите народи кои живеат во Република Македонија, вклучително и ромската заедница, притоа создавајќи услови за зачувување на нивниот национален и културен идентитет, рече министерот за култура Асаф Адеми.
5 Ноември е прогласен како Светски ден на ромскиот јазик од страна на УНЕСКО. Освен во Македонија и во Хрватска, овој ден се одбележува во уште 15-тина држави во Европа.