Поставени се нови информативни плочки пред спомениците во центарот на Скопје, на кои се појаснува дека личностите што се претставени на споменикот се дел од античката хеленска цивилизација, а што беше обврска од Преспанската спогодба.
Претходно беше избришан симболот на сонцето од Кутлеш од водоводните шахти и капаците на плоштадот „Македонија“, но и на други јавни места.
– Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство. Овде е претставен како воин на коњ – пишува на новопоставената табла на споменикот „Воин на коњ“.
Слична плочка е поставена и на споменикот на Олимпија, на плоштадот и парк „Ибни Пајко“.
– Во чест на Олимпија, историска фигура која припаѓа на античката хеленска историја и цивилизација и на светското културно историско наследство – пишува на оваа табла.
Во согласност со договореното од Преспа, името на спомениците ќе остане исто, само преку информативна плочка ќе треба да се нагласи дека тие се дел од античката хеленска историја.
Ознаките се напишани на три јазика, на македонски, албански и на англиски јазик.
Поставувањето на ознаките следува по владината препорака до единиците на локалната самоуправа, државните и јавните институции, да ги почитуваат обврските од спогодбата потпишана во Нивици, во која беше наведен рок од шест месеци по стапувањето на спогодбата во сила да се отстранат од јавните места симболите со сонцето од Кутлеш, додека на спомениците да се постават информативни табли.
Со отстранувањето на овие симболи, Македонија ја завршува својата обврска во врска со таа одредба од спогодбата.