Фото: Маја Јаневска-Илиева

Извештај за состојбите во следењето на водните ресурси во рамките на кампањата „Разбистри сѐ!“

Да се мобилизираат сите сили во земјава во насока на зачувување и грижа за сите водни потенцијали! Во земјава има недоволно развиен хидролошки мониторинг на природните езера, реките и акумулациите, најмногу поради недостиг од луѓе и основни мерни инструменти

Водните ресурси се насушно богатство во време кога климатските промени стануваат сè поизразени, а токму територијата на Балканот, вклучувајќи и на Македонија, се посочуваат како идни жешки точки каде што врнежите ќе се намалуваат, а периодите со суши ќе траат сè подолго.

Од тие причини грижата за водите треба да биде врвен приоритет, но очигледно кај нас тоа не е случај. Наместо со време да се мобилизираат сите сили во земјава во насока на зачувување и грижа за сите водни потенцијали, во земјава има недоволно развиен хидролошки мониторинг на природните езера, реките и акумулациите, најмногу поради недостиг од луѓе и основни мерни инструменти.
Тоа ја наметнува и дилемата колку актуелните закони се ефикасни во управувањето на водните ресурси ако не се знае колкави се тие, а уште повеќе како се креираат политиките и каде одат средствата за заштита на водите ако нема прецизни податоци за целиот хидролошки потенцијал.

Сите овие работи беа нотирани во извештајот од мониторингот што Центарот за економски анализи (ЦЕА) го спроведе врз Управата за хидрометеоролошки работи, јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“, хидросистемот „Злетовица“ и Електрани на Северна Македонија, во рамките на кампањата „Разбистри сè“.

– УХМР и хидросистемот „Злетовица“ немаат доволно човечки капацитети за вршење мониторинг, како на трите природни езера, Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро така и на акумулацијата Кнежево. Немаат ниту квалификуван кадар што ќе може да ги замени вработените што одат во пензија. Бројот на вработени во Секторот за хидрологија при УХМР во континуитет се намалува. Ако на почетокот на формирањето на управата имало 35 вработени во секторот, денес има само 12 вработени – се посочува во извештајот.

Понатаму се додава дека бројот на набљудувачи се намалува во континуитет, па така од стотина набљудувачи за површински води, во моментот работат само 60, додека од 115 набљудувачи за подземни води, тековно работат само 40.
– Поради нискиот надомест не може да се најдат нови лица што секојдневно ќе излегуваат на терен, ќе читаат податоци и пред сè ќе носат одговорност за квалитетот и веродостојноста на податоците. Така на пример, мерната станица во Асамати за мерење на водостојот на Преспанско Езеро не работи речиси 20 години бидејќи нема набљудувачи – се истакнува во извештајот.
Освен што има недостиг од луѓе, недостигаат и основни хидролошки мерни инструменти.

– Од вкупно 110 хидролошки станици за површински води, во моментов оперативни и обезбедени со набљудувачи се само 66. И покрај напорите за воспоставување автоматски хидролошки станици, досега се воспоставени 31 автоматска станица, од кои само 12 се оперативни. Од четири мерни станици на Охридско Езеро, работи само една. За Дојранско Езеро, од две мерни станици, исто така е оперативна само една станица, и тоа со стари инструменти. За Преспанско Езеро, пак, од три мерни станици, две се во функција. Од друга страна, јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ не располага ниту со основни мерни инструменти (мерна летва) за мерење на нивото на водата во акумулацијата Лисиче – се вели во извештајот.

Особено е тешко да се мониторираат природите езера бидејќи УХМР е со ограничен буџет, а опремата најчесто е набавувана од донации. Предизвик претставува и воспоставувањето основни мерни инструменти за мерење на водостојот на езерата, за кои е потребно ангажирање постојани набљудувачи.
– Сè зависи од приодот. Не смее да се дозволи да нема луѓе и опрема за толку важна гранка. Треба со време да се планира и да има стратегија, а не луѓето да заминуваат во пензија и да нема кој да ги замени. Тоа е катастрофално – вели Пеце Ристевски, климатолог.
Според него, проблемот со водите е поделен меѓу две министерства и не е докрај решено кое министерство кои ингеренции ги има.
– Ако на сето тоа се придодаде и УХМР, која е меѓу чеканот и наковалната, тогаш може да се заклучи какви проблеми настануваат кога не се знае кој какви надлежности има – појаснува Ристевски.

Во извештајот уште се препорачува до Владата и до Министерството за животна средина и просторно планирање да обезбедат поголем и редовен буџет за УХМР и преостанатите институции во хидролошката дејност за да набават нова модерна мерна опрема и да ги зголемат човечките капацитети, а граѓаните да имаат слободен пристап до податоците за водостојот и квалитетот на водите во езерата и реките.

Фото: Игор Бансколиев