-Денес сме тука во градот херој одбележувајќи го Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. И не случајно Прилеп е местото каде го паметиме и благодариме на почетокот на народно ослободителното движење  и народноослободителната борба. И нашата борба за слобода не е никаков изолиран случај туку континуиран процес на неколку Илиндени. 9 Мај немаше да се случи, ако претходно не беше 11 октомври неколку години порано, а денес седиме овде наспроти плочите каде се вклесани имињата на 462 партизани од НОБ од Прилеп и околината кои ги дале своите животи за нашата денешна слобода и држава. И имињата на овие луѓе не треба никогаш да заборавиме бидејќи буквите на нивните имиња се испишани со падната крв за нашата слобода и иднина. Ете толку е скапа нашата слобода и државата која што е спечалена со крв, пот и страдања.Ова не треба да се заборави никогаш и слава им на хероите – Ова го посочи Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ во Прилеп, на собирот што по повод Денот на победата го организираше Патриотскиот институт.

Според Мицкоски, како Македонци имаме не само право туку должност, обврска да ги чествуваме овие денови и паметници, затоа што и нашата Македонија покажа пркосна жилавост и борба во едни тешки времиња, и  најважното беше на вистинската страна во народно ослободителната борба, во борбата против фашизмот, во мигови кога многу други народи и држави од соседството и Европа не беа.

-Како земја, како Македонија го имаме легитимното и полно право да се повикуваме на нашето наследство но и придонес во градењето на слободарска Европа. Затоа што нивната слобода е и наша слобода, затоа што и нашата крв го полеваше темелот на заедничката слобода – посочи Мицкоски.

Тој посочи дека оваа власт и по 4 година не мрдна ниту милиметар напред.

– А ние 30 години, 30 долги и мачни години само правиме отстапки. Сменивме знаме, Устав во повеќе наврати, добивме пресуда во Меѓународниот суд во Хаг па не убедуваа дека тоа била цената на геостратегијата и силата на посилниот, Заев го смени уставното име и повторно го промени Уставот. Потпиша договор со Бугарија кој го нарече договор за добро соседство, и се фалеше дека ги затворил сите отворени прашања. И што добивме? Од Европа добивме тапкање по рамо, ветувања и нов услов за напредок на патот кон ЕУ. Сега наместо почеток на преговорите условот е да признаеме дека пред 1944 година сме биле Бугари, дека нашиот јазик бил бугарски, дека сите оние илинденци кои со крв ја пролеаја македонска земја за независна држава во срцето на Балканот не биле Македонци, туку биле бугарски војводи, тоа е новиот услов кој ние треба да го прифатиме. Во 21 век, ние денеска според Заев за да почнеме преговори, треба да решаваме прашања од 19 век. Да бркаме по нашите корени и да ја чепкаме крвта и коските на оние кои животот го положија за независна и суверена  Македонија. Дали тоа е реалноста во која сакаме да живееме, каква е оваа наша денешна сурова реалност. Оваа сурова реалност е по тоа што требаше да бидеме барем први според бројот на вакцините, а ние денеска сме последни.

И проблемот е што власта повторно се однесува на истиот начин со кој не добиваме ништо. И ова треба да се каже, а Заев ако мисли дека таквата понизност е цената која мора да ја плати за да ЕУ му прогледа низ прсти за неговиот криминал овде, и да се однесува по принципот ќе бидам сервилен, ама барем ќе ми прогледуваат низ далечен двоглед за кражбата на изборите и бруталниот криминал во кој оваа влада е потпрена, што и гласно низ кулоарите го говори Заев, преставува политички идиотизам и лага, бидејќи ниту Европа веќе му молчи за криминалите, ниту оваа власт може повеќе да си го купува мандатот со својата сервилност преку која тие ќе си ги полнат џебовите, а народот ќе страда -истакна Мицкоски, додавајќи дека Европската Унија треба да биде погласна за криминалите кои ги прави оваа влада, и за грешните политики кои земјава ја туркаат во бездна.

Ка.М.