Без поголема еуфорија, со концертна музика и забава за сите викендов во Скопје но и други 14 македонски града мина прославата за поканата и почетокот на претпристапните преговори со НАТО што ги доби Македонија минатата седмица. Реакциите во јавноста, но и на социјалните мрежи, поделени околу одлуката на Владата на Македонија на овој начин да го прослави датумот за преговори со ЕУ и поканата за членство во НАТО. Според одгласот на социјалните мрежи, најмногу посетители имало во Битола на настапот на Дуке Бојаџиев, каде што на истото место прославуваше и премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев. За разлика со битолчани, со скопјани прославуваа вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и претставници на дипломатскиот кор.
– Многу години имавме чувства дека ја пропуштаме секоја шанса и дека лоши работи им се случуваат на државата и на граѓаните. На сите нас ни е доста од лоши вести од трауматични искуства. Да кажеме дека кога сме заедно, кога знаеме што сакаме дека навистина можеме да поместиме планини. Чувството на сите денеска во различни градови низ Македонија е токму тоа, сакаме добри вести и сакаме резултати. Заедно можеме да ги оствариме – изјави Шекеринска. Министерката за одбрана Шеќеринска очекува доколку сите работи се направат како што треба, Македонија следната година да стане земја-членка на НАТО.
За министерот Димитров, пред нас имаме голема историска година, со големи крстосници.
– Многу чекавме. Од 1993 година сакаме да влеземе во НАТО, 25 години поминаа, 10 години откако не успеавме во Букурешт. Голема историска година имаме пред нас, со големи крстосници. Успеавме да ги затвориме прашалниците за тоа кои сме, дали сме Македонци, дали зборуваме македонски јазик. Тие сме. И успеавме да изградиме пријателство со три држави со кои имаме деликатни односи историски – изјави Димитров. Повикувајќи ги граѓаните сами да си одговорат на прашањето каде бевме пред неколку години, кога ги имавме исполнето условите за влез во НАТО, но бевме блокирани поради што не го имавме сменето уставното име на државава, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вчера, со партиско соопштение за прославата ги обвини СДСМ и Заев дека доживеале „уште еден пораз“ од народот, кој се обединил против „калкулантскиот договор“.Од опозициската партија наведуваат дека поразот и капитулацијата не може да се претворат во победа.
Од СДСМ вчера веднаш излегоа со реакција на овие критики, каде што тие во соопштение до јавноста рекоа дека граѓаните се сплотиле околу националните интереси и го прославиле огромниот успех.