ИЗБОРНИОТ НАТПРЕВАР СÈ УШТЕ НЕЗАКАЖАН

Владејачкиот СДСМ деновиве почнува карван од трибини наречен „На прав пат“, додека опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ги мобилизира сите партиски структури во
функција на кампањата насловена „Разговори за обнова на Македонија“

На приближно една година пред редовниот термин за одржување на парламентарните избори во 2020 година, се чини дека и власта и опозицијата веќе ја започнаа изборната кампања. На ваква констатација нѐ наведуваат токму последните нивни потези, со кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски ги промовираа партиските кампањи и програми, кои треба да им обезбедат непосреден контакт со граѓаните и увид во нивните проблеми.

Притоа опозицијата најави дека ги мобилизира сите структури во и околу ВМРО-ДПМНЕ, во функција на кампања што е насловена „Разговори за обнова на Македонија“, а како што објави Мицкоски, формиран е и тим од 16 стручни соработници од различни области, кои ќе ѝ помогнат на партијата да подготви решенија за проблемите со кои се соочуваат македонските граѓани и за „Обнова на Македонија“.

Од друга страна, владејачкиот СДСМ, пак, истакна дека почнува карван од трибини наречен „На прав пат“, чие лого ќе биде во црвено-бела боја, односно во боите на Партијата на европските социјалисти. Генералниот секретар Николовски дополнително најави и одржување на 20 граѓански форуми како и секојдневни средби со граѓаните на кои ќе се слушаат нивните проблеми, но и ќе се промовира сработеното.

Во сублимиран заклучок, политичките аналитичари со кои се консултиравме тврдат дека кампањите на двете партии ќе имаат цел да ги истакнат најголемите адути, со кои главните политички играчи ќе се обидат да ги убедат гласачите да гласаат за нив. Имено, аналитичарите велат дека опозицијата ќе се обиде да ги убеди граѓаните дека власта преку случаите како „Рекет“ е корумпирана и нема капацитет да раководи со државата, а од друга страна власта ќе се обиде политички да профитира со можноста за добивање датум за преговори со ЕУ и со придобивките од членството во НАТО.

Политичкиот аналитичар и пиар-стратег Синиша Пекевски вели дека по сето она што се случува на терен, најверојатно, можеме да очекуваме дека напролет ќе има предвремени парламентарни избори, а на тоа укажуваат актуелните кампањи на партиите, кои веќе и неофицијално започнаа да дејствуваат.
Тој вели дека во претстојниот период партиите ќе се обидат да го максимизираат својот резултат преку адутите што им стојат на располагање.

– За опозицијата ќе биде полесна работата, бидејќи можат да ја критикуваат работата на власта, а како џокер ќе го имаат случајот „Рекет“. Од друга страна, верувам дека СДСМ најмногу ќе се концентрира да заработи од можниот датум за почеток на преговори со ЕУ, кој во суштина, според мое размислување, ќе биде условуван од меѓународната заедница и практично многу тежок за исполнување – вели Пекевски.
Тој додава дека она што може да се прогнозира однапред за оваа кампања е и проблемот со мотивирање на гласачите со кое најверојатно на големо ќе се занимаваат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а на тоа укажуваат многуте анализи, кои прогнозираат тивок бојкот на изборите.

Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека според она што е досега истакнато и од власта и од опозицијата на овој неофицијален почеток на кампањата можеме да очекуваме дека до одржувањето на изборите ќе бидеме сведоци на една долга и рововска битка за секој глас и од власта и од опозицијата. Според него, двете најголеми партии во практика покажаа дека не успеваат да најдат меѓусебен дијалог за ниедно прашање од државно значење, а во кампањата обвинувањата најверојатно ќе добијат интензитет.

Тој се надева само дека оваа кампања ќе биде политички коректна и слична на европските, а со тоа ќе се искористи можноста од партиите за продлабочување на демократскиот капацитет на македонските граѓани.


И претседателот Пендаровски во своја кампања

Во контекст на актуелните случувања за забележување се и информациите дека претседателот на државата, Стево Пендаровски, во моментов спроведува своја кампања, која носи наслов „Лице во лице со претседателот“, на која, според публикуваните информации, шефот на државата се сретнува со граѓаните за одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат.
Според најавите, во рамките на оваа кампања на Пендаровски средбите со граѓаните ќе се одвиваат двапати месечно во помали места и во градовите, а во своите работни простории во Скопје, планирано е да се одржат и отворени денови со граѓаните.

[email protected]