Делегација на Владата предводена од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, положи венци свежо цвеќе на спомениците и спомен обележјата во градот-херој Прилеп, каде што од вчера и во текот на денешниот ден се реализира свечената државна програма со која се чествува државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание и се одбележува 80 години од овој настан.
Владината делегација се поклони и положи венци свежо цвеќе на спомениците на народните херои Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифовски-Питу и на споменикот „Жена борец“, по што ја посети Алејата на народните херои за да им оддаде почит на жртвите во народно-ослободителната војна од Прилеп, град кој даде 650 жртви и се гордее со 15 народни херои и 154 носители на признанието „Партизанска споменица 1941“.
Венци свежо цвеќе на споменичните места од народно-ослободителната војна денеска положија и други делегации на државниот врв, на општествено-политичките организации, на Армијата, на борците, на дипломатскиот кор и на гостите од странство.
Државната програма за одбележување на 11 Октомври продолжува на „Могилата на непобедените“ во Прилеп со програма која предвидува полагање венци свежо цвеќе и соодветни содржини за чествување на празникот.
На „Могилата на непобедените“ делегацијата на Владата ќе ја предводи премиерот Зоран Заев кој заедно со другите делегации, гости и граѓаните од Прилеп и од државата, ќе ја проследи празничната програма и обраќањата на претседателот, Стево Пендаровски, на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски.