Се надеваме до крајот или во текот на оваа година и ние да се израдуваме како Автокефална црква, признаени од Вселенската Патријаршија и од останатите помесни православни цркви, изјави владиката Петар, одговарајќи на новинарското прашање во врска со тоа дека Украинската црква Божиќ го пречека со томос за автокефалност од Цариград и дали МПЦ може годинава да се надева на тоа.
Тој денеска во Прилеп го благослови традиционалниот Божиќен ручек за околу 500 деца од цела Македонија. Владиката Петар признава дека во моментов нема континуитет во контактите со Цариград, но се надева дека наскоро ќе се воспостави, бидејќи МПЦ е втората по Украинската црква која треба да ја добие автокефалноста. Според него, ние никогаш не смееме да загубиме надеж.
– Се надеваме до крајот или во текот на оваа година и ние да се израдуваме како Автокефална црква, признаени од Вселенската Патријаршија и од останатите помесни православни цркви, бидејќи ги исполнуваме, не од сега, туку од поодамна, сите услови за тоа. Само можеби требаше да почекаме да дојде денот да се исполни таа наша надеж и тоа ветување што ни беше кажано од поодамна дека ќе дојде денот и ќе биде признаена нашата света Црква. Сега, контактите и комуникациите не се постојани, но се надевам дека по празниците, или како времето се подобрува, ќе воспоставиме, најверојатно, контакти. Чекаме на нив, рече владиката Петар.
На прашањето дали следува раскол во Православието по ставот на Москва, владиката Петар смета дека станува збор повеќе за недоразбирања од политички аспект кои со време ќе се надминат.
– Мислам дека овој раскол не е од такви размери. Мислам дека станува збор за недоразбирање, повеќе, од политички аспект. И тоа ќе се надмине, зашто не станува збор за канонски или догматски разлики во верскиот живот, туку тоа се некои политички недоразбирања, кои длабоко верувам дека со текот на времето ќе се надминат, рече владиката Петар при денешниот престој во Прилеп.