Владата по предлог на Министерството за надворешни работи, ги разгледа и усвои информацијата и новиот предлог за просторното сместување на Мисијата на Република Македонија во новото седиште на НАТО во Брисел по пат на купување.
Во согласност со одлуките, Владата го задолжи Министерството за финансии со ребалансот на буџетот за 2019 година да обезбеди буџетски средства во износ од 3.116.000 евра, од кои 2.316.000 евра за еднократно плаќање кон НАТО, на име купување простории за Мисијата на РМ при НАТО, а 800.000 евра за адаптации за плаќање рати, при што со новиот буџет за 2020 година да обезбеди буџетски средства во износ од 500.000 евра за доплаќање на име адаптации, како и 120.000 евра за режиски трошоци за 2020 година, вклучително и 7.000 евра за трошоци за одржување ИТ-опрема за 2020 година.
Владата уште го задолжи Министерството за финансии при планирањето на буџетските средства да ги има предвид и обврските на институциите од земјава, кои се учесници во Мисијата на РМ при НАТО во Брисел, кои ќе се стекнат со канцелариски простор во Мисијата.
На оваа седница Министерството за одбрана информира дека е доставена номинација нашата земја да биде домаќин на НАТО-конференцијата за информации и комуникатори во 2020 година како најголем настан што НАТО го одржува во текот на годината. Доколку конференцијата се организира во Македонија во 2020 година, како што се наведува од Владата, тогаш, покрај тоа што настанот ќе биде спонзориран од НАТО, тоа ќе биде и значаен придонес во стратешката комуникација на НАТО и на нашата земја.