Владата ќе ги разгледа барањата на родителите кои предлагаат времено продолжување на породилното отсуство за месец или два и ќе одговори во најкус можен рок, истакна премиерот Зоран Заев пред на претставниците на родителите во Владата.
На средбата присуствуваа и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, како и министерот за здравство Венко Филипче.
Претставниците на родителите упатија барање до премиерот и министрите за времено продолжување на мерката за продолжено породилно отсуство од еден до два месеца, со цел полесна адаптација на новонастанатата ситуација и поефикасно згрижување на нивните деца, а претседателот на Владата Заев ги увери дека приоритет на Владата е здравјето и благосостојбата на децата и сите нејзини граѓани и дека Владата ќе покаже слух и разбирање за нивните барања, особено за специфичните барања и потреби на одредени групи родители.
– Земаме обврска да ги разгледаме вашите барања и потреби и да ви дадеме повратен одговор во најкус можен рок. Ќе покажеме максимална флексибилност за одредени специфични случаи. Што се однесува до епидемиолошката слика, ние будно ги следиме препораките на Комисијата за заразни болести и следствено, секогаш размислуваме за донесените одлуки, нивната оправданост и потребата за нивна корекција. Здравјето на граѓаните е наш приоритет, но мораме да научиме да живееме со пандемијата – подвлече премиерот.
Министерот Венко Филипче истакна дека секоја новодонесена мерка отвора нови прашања и дека мерките ќе трпат промени согласно новонастанатата ситуација и специфичните потреби на одредени родители.
– Со соодветна медицинска документација, родителите на деца кои влегуваат во ризична група, може да бидат изземени од обврската да се вратат на работа. Сепак, ќе нагласам дека најмалите деца имаат прилично висок имунитет и досега немаме случај на сериозно заболено дете од оваа популација – истакна министерот Филипче.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ги увери родителите дека, согласно сондажите што ресорното министерство ги прави на терен, во градинките има многу слободни места за сите оние родители кои досега не ги запишале своите деца.
„Нашите инспектори будно ја следат состојбата на терен и ве уверувам дека ситуацијата е целосно контролирана. Исто така, упативме апел до родителите кои ги запишале своите деца во градинка, а не ги носат, да ги ослободат местата за родителите на кои ваквото згрижување им е неопходно. Овој процес понатаму треба да го следат и контролираат градинките и општините“, подвлече Шахпаска.
На крајот на средбата премиерот Заев и двајцата министри им ја пренесоа на родителите цврстата решеност целосно да бидат во дослух со нивните потреби и дека Владата ќе ги носи одлуките секогаш имајќи го предвид нивниот најдобар интерес.