Владата на денешната 114-та седница ја усвои предлог-програмата за своето работење во 2019 година, која е во согласност со Програмата за работа на Владата 2017-2020 и Методологијата за стратешко планирање и подготвување на Годишната програма.
Како што соопшти владината прес-служба, Програмата е во функција на остварување на стратешките приоритети и приоритетните цели за 2019 година на Владата: развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните; Република Македонија – членка на НАТО и Европската Унија; одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата; јакнење на владеењето на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа.
Во стратешките приоритети се и реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија; реформи во правосудството; целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење граѓанска држава и етничка кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување и намалување на аерозагадувањето.