Прославата „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ” е спроведена законски, со почитување на принципот на конкуренција и во транспарентна постапка. Владата објави целосен извештај со вкупните трошоци, реализирани во законска и транспарентна постапка, соопшти Владата отфрлајќи ги како неточни тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека се прекршени тендерските постапки за што денеска на прес-конференција зборуваше нејзиниот портпарол Димче Арсовски.
Во реакцијата Владата наведува дека постапката е реализирана согласно член 17 став 1 алинеја 2 од Законот за јавни набавки, за услуги за коишто законот дозволува, поради краткиот временски период да се испратат покани до неколку економски оператори. Наведува дека за двете спроведени постапки се испратени покани до три економски оператори и операторите доставиле понуди.
– На тој начин принципот на конкуренција е целосно запазен.Изборот на најповолен понудувач е направен согласно однапред дефиниран критериум: најниска цена. Не е точно дека во тендерската документација не се опфатени техничките спецификации. Двете тендерски документации од двете постапки содржат технички спецификации. Согласно одредбите од Законот, договорите се објавени во рок од 30 дена од денот на склучување, соопштува прес-службата на Владата.
Како што претходно информираше за целосниот извештај за прославата „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ, вкупните трошоци за сите настани во 15 градови во Македонија, со сите ставки изнесуваат околу 180.000 евра, реализирани во законска и транспарентна постапка.
– Разликата од 6.000 евра во споменатата ставка за потреби и услуги за организација на настаните се должи на соопштениот износ за вредноста на договорот кој без ДДВ изнесува 35.000 евра. Договорот за обезбедување на сценска опрема, бини, системи за озвучување и осветлување, е со повисока сума но реално се потрошени помалку пари, односно, како што веќе соопшти Владата, потрошени се околу 49.000 евра или по околу 3.200 евра по град. Бидејќи договорот за обезбедување на сценска опрема, бини, системи за озвучување и осветлување е склучен пред одржувањето на настаните, во текот на реализацијата и состојбите на терен е констатирано дека се потребни помалку пари и оттука потрошени се помалку средства, пишува во соопштението.
Постапката за враќање на парите коишто не биле потрошени е веќе започната и Владата, како што наведува во соопштението, очекува во буџетот на Република Македонија, од страна на приватна компанија, да се вратат околу 30.000 евра.