Владата во рамки на 69-та седница формираше работна група за изнаоѓање на можно решение за проблемот со линдан во АД ОХИС, донесе фискална стратегија 2019-2021, како и заклучок голем дел од наставниците и професорите во основното и средното образование да се вработат на неопределено работно време.
Како што соопшти владината прес-служба, Владата на седницата ја прифати информација за вработувањата во основните и средните училишта и донесе одлука Министерството за образование и наука да побара согласност од Министерство за финансии за вработување на лица на неопределено работно време во дејноста на основното и средното образование, за работни места за кои може да се оствари полно работно време.
Во однос на решавањето на проблемот со линданот во АД Охис – Скопје, како што се наведува, Владата на седницата формираше работна група составена од генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку и министерот без ресор Аднан Ќахил. Оваа работна група во рок од три месеци треба да ја информира Владата за можните решенија на овој долгогодишен проблем.
Со измените и дополнувањата на Правилник за инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за воспоставување, работење и инвестиции на деловно – технолошки акцелератори, кои беа усвоени на седницата, ќе се доделува финансиска поддршка за воспоставување (опционално) и работење на акцелератор, имплементацијата на пред-инвестициона програма и инвестиции. Преку овој Инструмент, Фондот за иновации и технолошки развој обезбедува финансиска поддршка до 75% од вкупниот буџет на проектот, за максимален износ од 500 илјади евра за оперативни трошоци. Услугите кои ќе ги обезбедуваат акцелераторите ќе бидат наменети за новооснованите старт-ап претпријатија и ќе се однесуваат на: канцелариски простор, административна поддршка, обука, советување и/или менторство, пристап до ресурси за поддршка на бизнисот, како и финансиски инвестиции.
Како што се посочува во соопштението, со измените, пак, на Правилникот за инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за технолошка екстензија, се предвидува поддршка на усвојување и прилагодување на иновативни и напредни технологии и подобрување на деловните процеси во македонските мали и средни претпријатија. И за овој инструмент Фондот за иновации и технолошки развој, обезбедува финансирање до 50 отсто од вкупниот буџет на проектот, во максимален износ од 500 илјади евра.
Владата на Република Македонија на денешната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата во врска со статусот на реализација на Договорите за концесија за вода за изградба на мали хидроелектрични централи, склучени со Министерството за економија. Притоа, Владата го одобри продолжувањето на роковите за започнување со комерцијална работа на неколку локации. Во име на Владата, министерот за економија Крешник Бектеши ќе потпише Анекси на договорите за концесија со кои се одобрува продолжување на рокот за започнување со комерцијална работа.
Дополнително, Министерството за економија е задолжено во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање да подготви Информација со Акциски план за помош на инвеститорите во делот каде што имаат потешкотии со месното население и во рок од 30 дена да ја достават до Владата.
Министрите на денешната седница ја разгледаа и ја усвоија информацијата за потребата за спроведување на повеќегодишна јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на Проектот за подобрување на железничката пруга на Коридор 10 финансиран по пат на заем од Европската банка за обнова и развој. Постапката за склучување на повеќегодишниот договор треба да ја спроведе Министерството за транспорт и врски, кое во исто време треба да ги обезбеди потребните средства за плаќање на преземените обврски, во рамките на максимално утврдените лимити за расходи за 2019 година и 2020 година.
На предлог на Министерство за транспорт и врски, денеска Владата ја донесе Програмата за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски превозници за периодот од 2018-2021 година, како и уредбата за начинот, поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка.
На денешната седница Владата донесе одлука за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Проект за инфраструктура за изградба на главен доводен цевковод во полошкиот регион кој ќе покрие повеќе општини.
Министрите на предлог на Министерството за финансии ја прифатија фискалната стратегија на Република Македонија 2019-2021. Среднорочната фискална стратегија претставува клучен документ за утврдување на среднорочните фискални цели на Владата на Република Македонија и нивно поврзување со стратешките приоритети на Владата, како и алатка за следење на динамиката на приходите и расходите во однос на фискалните цели.
Исто така, министрите го прифатија и текстот на спогодбата помеѓу Министерството за образование и вработување на Република Малта и Министерството за образование и наука на Република Македонија за взаемно признавање на високообразовните степени, дипломи и сертификати.
Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за здравство, одлучи програмата за превенција на кардиоваскуларни болести во земјава да се дополни со 5 милиони евра од буџетот на Министерството.
Министрите ја разгледаа и ја усвоија Информацијата во врска со формирање на работна група која ќе подготви тендерска документација за спроведување на тендерска постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија и снабдувач во краен случај со електрична енергија. Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен на економски прашања е задолжен во рок од 7 дена да формира работна група составена од претставници од Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен на економски прашања, Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика. Предлог за членови и заменици членови во работната група до Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен на економски прашања, треба да достават Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика.
Потоа оваа работна група, во соработка со Секретаријатот на Енергетската заедница, во рок од 60 дена треба да ја подготви тендерската документација за спроведување на тендерска постапка по пат на јавен повик согласно прописите со кои се уредува набавка на јавна услуга за избор на универзален снабдувач со електрична енергија и снабдувач во краен случај со електрична енергија и да ја достави до Владата на Република Македонија.
По однос на годишните извештаи за работата на Македонската радио телевизија за 2017 година, и за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за истата година, Владата на Република Македонија на седницата одлучи на Собранието да му даде негативни мислења.