Професор д-р Оливер Бачановиќ од Факултетот за безбедност – Скопје доби признание во вид на повелба на почесен член на Виктимолошкото друштво на Србија. Повелбата му беше доделена во рамките на свечениот дел на десеттата, јубилејна конференција на Виктимолошкото друштво на Србија.
Бачановиќ ја добива повелбата како признание за долгогодишната работа на подрачјето на виктимологијата, со која дал траен придонес во остварувањето на целите поради кои е основано Виктимолошкото друштво на Србија.
– Со својата работа, залагања и повеќегодишна соработка со Виктимолошкото друштво на Србија, проф. д-р Оливер Бачановиќ даде огромен придонес за развојот на виктимологијата, особено за афирмација на друштвото, списанието „Темида“, годишната конференција на Виктимолошкото друштво, каде што професорот се јавува како активен учесник на сите десет одржани конференции досега – беше истакнато од страна на претседателот на Виктимолошкото друштво на Србија, проф. д-р Слободан Савиќ.
Признанието што го доби проф. д-р Оливер Бачановиќ со станувањето почесен член на Виктимолошкото друштво на Србија несомнено претставува признание како за него лично, така и за неговата матична институција Факултетот за безбедност- Скопје, како и за универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Д.Т.