За вкупно 125 компании кои од март до декември добиле финансиска помош за исплата на плати од државата во висина од речиси два милиони денари се поднесени кривични пријави од Управата за јавни приходи до Основното јавно обвинителство, информираше директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
Контролите кои УЈП ги врши во координација со Државниот инспекторат за труд а се однесуваат на злоупотреба на финансиските средства што државата ги обезбеди за помош на компаниите за исплата на плати покажале дека најмногу злоупотреби има во компании од Скопје, потоа од Тетово и од Гостивар.
Најчесто станува збор за фирми кои се занимаваат со трговска дејност, градежништво, угостистелски услуги, транспорт и текстил.
– Со контролите што ги спроведуваме го намаливме бројот на компаниите кои ги злоупотребиле средствата односно даваме налог за присилна наплата и насочување на средствата за исплата на платите на вработените. За компаниите кои не ги исплатиле платите а земале средства од државата се поднесени и кривични пријави до ОЈО – рече Лукаревска.
Највисокиот износ за исплата на плата по вработен што го добиле компаниите е 21.776 денари и се однесува на поддршка таму каде што намалувањето е 80 отсто.
До УЈП од март до декември минатата година на повикот за помош од последиците од Ковид-19 кризата се поднесени вкупно 13.851 барање. Контролите констатирале дека 596 работодавачи кои зеле помош за 2.421 вработен не ја исплатиле платата, но по пријавите овој број се намалил на 245 работодавачи. За нив се изготвени опомени и ако не извршат уплата на плата, со блокада на парични средстви ќе биде направен пренос кај вработените.
– Сите работодавачи кои користат финасиска поддршка за плати, со поднесувањето на барањето за април и мај имаат дадено изјава дека истите средства ќе бидат наменски искористени за работниците. Продолжуваме со контролите и сите оние кои и натаму ќе прават злоупотреби ќе треба законски да одговораат, а сите неплаќачи ќе бидат транспарентно јавно објавени – рече Лукаревска.