Доколку има барање за носење на начелно правно мислење Врховниот суд мора да постапи по тоа барање. Законот е јасен, рокот на СЈО е истечен, а начелно правното мислење е задолжително за Врховниот суд и ако дојде до жалба од странката до Врховниот суд тој ќе мора да ја укине пресудата заради донесеното мислење, порача вечерва претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски.
Нагласи дека не ја смета како негова одмазда донесената одлука заради наводите во еден од извештаите на СЈО дека тој непрофесионално и несовесно ја вршел својата функција и оти не чувствува ни морална одговорност да се извини, бидејќи со самото тоа што не е поведена постапка значи дека тоа има само карактер на озборување.
-Не може да биде моја одмазда, бидејќи се работи за начелно правно мислење на општата седница на Врховниот суд кое ни малку не го засега СЈО. Тоа е мислење донесено од страна на највисокиот орган на Врховниот суд што ги обврзува неговите совети, а она што треба да го работи тоа обвинителство го работи врз основа на законски овластувања. Ние само предупредуваме да не настанат поголеми штети, од оние што евидентно досега се направени со постапувањето вон од овластувањата и да не се нанесат ниту материјални, ниту, пак, она што е уште потрагично да се продолжи со некакви активности што ги загрозуваат правата на граѓаните, рече Вангеловски во емисијата Топ тема на ваша страна.
Тој посочи дека начелно правното мислење не е одлука со која се запира работењето на СЈО или се наложува нешто, туку се дава за обезбедување единство во примена на законите од страна на судовите.
-Законот е јасен, рокот е истечен и токму затоа општата седница на Врховниот суд безмалку едногласно ја констатира таа состојба. Ние не забрануваме никому ништо. Доколку Кривичниот суд донесе пресуда за некој предмет од СЈО отворен после рокот и осудениот се жали до Апелацискиот суд, а потоа жалбата стигне и до Врховен суд, тогаш Врховниот суд ќе ја укине пресудата, посочи Вангеловски.
Нагласи оти нема чувство дека со несењето на начелно правното мислење поголем број на предмети би застареле.
-Доколку СЈО не може да постапи има овластен тужител во оваа држава има јавно обвинителство и јавно обвнителска служба која е дел од системот, а СЈО е надовор од системот. Врз основа на политички договор донесен е закон со кој се врши упад во системот и се формира еден орган со специфични овластување и специфичен определен рок на траење во кој треба да постапува по одредени предмети. СЈО постапува по тие предмети и во тој рок од пет години за кој е формирано тоа обвинителство треба да се потруди да направи сè што е во нивна моќ да ги заврши предметите по кои покренало обвинение, рече Вангеловски.
Според него, нема ништо што би наликувало на некаков политички договор кога станува збор за одлучувањето на општата седница на Врховниот суд и не се чувстува искористен од политичарите што изгледа како да им ја завршиле работата.
-Немам никакво чувство на искористеност, напротив нема потреба од автентично толкување бидејќи одредбата од законот е сосема јасна. Нема никаква причина да чекаме автентично толкување од Собранието на Република Македонија, бидејќи не е тоа редовна активност на Собранието, ниту пак, има обврска да го направи тоа. И судиите не треба да чекаат, бидејќи не постои орган во судовите кој може да им наложи како да постапуваат со своите предмети. Судиите во своето постапување се апсолутно независни и не може никој, а најмалку претседателот на судот или некој колективен орган да им кажува како да постапуваат. Тие се должни да го применуваат законот онака како што по слободното судско уверување им налага совеста, потенцира Вангеловски и додаде дека ако има барање од овластен поднесител за автентично толкување и доколку законодавниот дом одлучи да го даде, тоа може да го направи во секое време.