Фото: Игор Бансколиев

Заинтересираноста е голема пред сѐ кај ризичните групи на граѓани, но и кај оние што изминативе години не се вакцинирале од сезонски грип. Граѓаните се надеваат дека оваа вакцина ќе успее да им го одржи имунитетот за да не се случат потешки компликации во случај да се заразат со ковид-19

Пандемијата на ковид-19, но и стравот кај граѓаните од масовното ширење на вирусот, екстремно ја зголеми заинтересираноста за вакцина против сезонски грип. Ако лани во државата останале неупотребени 500 вакцини, оваа година веќе се потрошени првите најавени дози, а граѓаните се жалат дека не можат да најдат слободни термини за вакцинирање. Заинтересираноста е голема пред сѐ кај ризичните групи на граѓани, но и кај оние што изминативе години не се вакцинирале од сезонски грип. Граѓаните се надеваат дека оваа вакцина ќе успее да им го одржи имунитетот за да не се случат потешки компликации во случај да се заразат со ковид-19.
Виктор Исијановски, директор на Здравствен дом – Скопје, вели дека вакцинацијата се врши веќе две недели на шест пункта во градот, секој работен ден, од 14 до 19 часот. Приоритет за вакцинација имаат ранливите категории на граѓани, лицата над 64 години, бремените жени и децата.
– Распределени се вкупно 2.500 вакцини. Веднаш штом ќе ги потрошат, ќе добијат нови дози. Граѓаните ќе можат да се вакцинираат со упат од матичен лекар и за нив вакцината е бесплатна. Термините за закажување се пуштаат на неделно ниво и се закажуваат на десет минути – вели Исијановски.
Според него, годинава заинтересираноста за вакцинирање против сезонскиот грип е зголемена за разлика од минатите години, а причина за тоа, како што смета тој, е состојбата со ковид-19 во земјава.

– Минатата година вакцинирањето се одвиваше на три пункта и заинтересираноста за вакцинирање беше помала – посочува директорот.
Другите граѓани, пак, кои не спаѓаат во ранливите категории, може да се вакцинираат приватно во Центарот за јавно здравје. Вакцина против сезонски грип на приватно чини 800 денари. Таму пред две недели само за два часа беа потрошени првите 2.000 дози.
Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Александар Стојанов, вели дека чекаат да добијат уште 2.000 вакцини, кои се уште не им се испорачани од производителот.
– Најавите се дека во наредните две недели ќе ги добиеме вакцините. Проблемот настана кога оние категории граѓани на кои им следува бесплатна вакцина не можеа да чекаат закажување преку „Мој термин“ и дојдоа да се вакцинираат приватно. Така се потрошија вакцините. Луѓето се исплашени, не сакаат да чекаат и сакаат да си го заштитат здравјето – посочува тој.
Според Стојанов, оваа година е зголемена заинтересираноста за вакцинирање поради коронавирусот.

– Минатата година фрливме 510 вакцини против грип, им помина рокот. Сега заинтересираност има од пензионерите, од здравствените работници, од приватни компании, амбасади, од Црвениот крст – посочува директорот на Центарот за јавно здравје.
Министерството за здравство информира дека за бесплатно вакцинирање се набавени 40.000 дози вакцини против сезонски грип, 12.000 повеќе споредено со минатата сезона. Термините за бесплатно вакцинирање ги закажуваат матичните лекари, а се вршат во здравствените домови и општите болници во градовите.
Вакцината против грип е незадолжителна вакцина и се дава на доброволна база. Против грип е пожелно да се вакцинираат сите таканаречени „приоритетни ризични групи“, на кои особено им се препорачува редовна вакцинација со вакцина против грип секоја година.


Идната година вакцина за ковид-19

Министерот за здравство Венко Филипче веќе неколкупати најави дека идната година, во јануари или февруари, во земјата би можеле да пристигнат и првите вакцини против ковид-19.
Претходно две компании, „Астра Зенека“ и „Фајзер“, најавија дека се на добар пат за пуштање во употреба на нивните вакцини против коронавирусот.
– Верувам дека ќе дадат одобрување по таа т.н. ургентна постапка и дека некаде до Нова година, такви се очекувањата, ќе добијат дозвола двете вакцини да бидат дистрибуирани – рече Филипче.
Земјата ги очекува вакцините преку ковакс-механизмот, за што е потпишан договор со согласност на Владата и обезбеден е буџет.


Ќе се врати ли животот во нормала во 2021 година?

Вакцините против ковид-19 ветуваат, но тие не се магичен куршум. Досега, вакцините од „Фајзер“ и „Модерна“ покажале силни резултати и нивното допрва ќе доаѓа. Но и двата фаворита сѐ уште треба да ги завршат клиничките испитувања и да добијат одобрение за широка дистрибуција.
Шефот на Европската агенција за лекови, Емер Кук, изјави дека очекува вакцина да биде одобрена „пред крајот на годината“.
– Кога станува збор за снабдувањето, многу компании, често потпомогнати со пари на даночни обврзници, фрлија милиони во производство на кандидати за вакцини, додека тие сѐ уште се развиваат. Но тие резерви ќе бидат ограничени. На секое лице ќе му требаат две дози, односно 650 милиони луѓе би можеле да бидат вакцинирани до крајот на 2021 година – посочи тој.
„Модерна“ ќе може да направи само 20 милиони дози на вакцини до крајот на 2020 година, исклучиво за САД. Се надева на испорака на милиони дози на глобално ниво во почетокот на 2021 година.
Тоа би било капка во кофата, сепак, имајќи предвид дека глобалното население е речиси осум милијарди луѓе. Значи, ќе биде потребно време да се вакцинираат сите.

[email protected]